Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, во Минхен се сретна со вицепремиерката на Украина за европска и евроатлантска интеграција, Олга Стефанишина.

На состанокот заеднички се оцени дека безбедносното прашање на Украина е безбедносен предизвик за цела Европа и за меѓународната демократска заедница во глобални рамки. Од тие причини се изразија очекувања европската и светската демократска јавност да стојат заедно и едни до други како клучен предуслов за одбраната на глобалниот мир.

Премиерот Џафери истакна дека „Република Македонија веднаш и недвосмислено ја осуди агресијата на Руската Федерација врз Украина, поддржувајќи го украинскиот територијален интегритет. Исто така, застанавме стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија во однос на надворешната и безбедносна политика. И како совесна членка на НАТО, ја пружаме потребната помош на Украина.“

Премиерот Џафери ја поздрави и одлуката на Европскиот совет да отвори пристапни преговори за членство на Украина во Европската Унија и отвори можност за споделување искуства во однос на евроинтеграцискиот процес и реформите потребни за приближување кон Унијата.

Премиерот Џафери напомена дека како земја-членка на НАТО остануваме посветени на политиката на отворени врати на НАТО и ја поддржуваме апликацијата на Украина за членство во НАТО. Украина беше, исто така, врвен приоритет и клучно безбедносно прашање при претседавањето на Македонија со ОБСЕ. Македонија работеше и се уште работи на обезбедувањето суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ, истакна премиерот Џафери.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.