Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, по повод светиот месец Рамазан, приреди Ифтарска вечера на која беа поканети и присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митрески, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, поранешниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, актуелните членови на Владата, претставниците од верските заедници во земјава, претставници од судството, академската јавност и други гости.

Во своето поздравно обраќање пред присутните гости, премиерот Џафери посочи дека  Ифтарската вечера, како традиција за време на светиот месец Рамазан, е начин за собирање на блиското и далечно семејство, на пријателите, соработниците. Рамазан, иако е месец во кој верниците од исламската вероисповед постат, во исто време, ги хранат душата и мислите со позитивни мисли, со взаемна почит и разбирање, со чувство на солидарност и сочувство за секое човечко битие.

 

При тоа, ифтарските вечери се можност и за потсетување на основните вредности на взаемна почит, упатување на желби за добро здравје, благосостојба и успех.

„Семејството е главниот столб, околу кое се одвива целиот наш живот и кое е најзначајната поддршка и поттик за да можеме да ги вршиме нашите секојдневни задачи и одговорности со највисоката посветеност и внимание.Само тогаш кога имаме мир во семејството, имаме спокој и во умот, и можеме да рефлектираме спокој и во работата и во државата. Апелирам до сите, да бидеме подобри луѓе од тоа што сме, да правиме корисни дела за луѓето во потреба, затоа што само тогаш ќе бидеме вистински среќни, кога сите околу нас ќе ја споделуваат среќата со нас“, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.