Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Собранието ќе одржи средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.
Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Поканата до претседателите на парламентарните политички партии ќе биде испратена во текот на утрешниот ден, соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.
Премиерот Ковачевски изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.
Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека приклучувањето кон ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата дражва не е оставена сама, потенцирајќи дека она што го кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но и пораките упатени од Самиот на земјите од Западен Балкан одржан минатата недела во Берлин, покажуваат дека регионот и нашата држава се дел од активностите на Унијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата потврди дека ќе присуствува на средбата, најавувајќи дека на неа ќе ги презентира партиските ставови, кои е подготвен да ги браниме секаде во светот.
Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез се предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во однос на промените на Уставот, тоа прашање е затворена тема за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, уставни измени „нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија“.
Без јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае, рече Мицкоски.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми во изјава за МИА нагласи дека претставници на партијата ќе присуствуваат на лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски.
Со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, сметам дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии, а особено уште повеќе кога имаме предвид дека за европската агенда, уставните измени за кои се потребни двотретинско на пратеници импонира неопходно седнување на една маса, соработка и заедничко одлучување на парламентарните политички партии, рече Адеми.
За иницијативата на „Беса“ за средба на политичките партии на Албанците на кои би се разговарало за уставни измени во однос на употребата на албанскиот јазик, Адеми посочи дека со нив немаат никакви разлики за клучните прашања и се во постојана комуникација.
Сите сме на иста линија, нема разлика и ќе бидеме во комуникација, како што и до сега сме биле во комуникација. Јасно ни е што треба да направиме како албанска политичка партија. За нас, тоа е исклучително важно – без алтернатива за нашата европска ориентација и европската агенда. Но, она што е потребно и неопходно во овој момент е постигнување на широк политички, општествен и меѓуетнички консензус, кој сигурно би резултирал со двотретинско мнозинство од гласовите. Затоа, само преку инклузивен процес, кој има за цел да се постигне потребното квалификувано мнозинство за уставните измени, мислам дека е правилно да има ваков настан, ваква организација, со која ќе покажеме сериозност и политичка одговорност, рече Адеми.
Од Алтернативата за МИА посочија дека немаат никаква дилема дали треба да дадат поддршка на предлогот за бришење на формулацијата „20 проценти“ за употребата на албанскиот јазик и затоа нема потреба од некоја посебна средба.
Неалбанските партии се веќе подготвени за ова прашање и ова веќе не е тема која наметнува некаква посебна средба на албанските политички партии. Доколку има други околности и други теми, таквите покани ќе бидат разгледани, велат од партијата во однос на иницијативата на Беса за средба на партиите на Албанците од земјава.
И од Алијансата за Албанците во изјава за МИА потврдија дека ќе учествуваат на лидерската средба иницирана од премиерот, додавајќи, исто така, дека се во постојана комуникација со сите политички партии на Албанците.
Од друга страна, претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев информира дека нема да учествува на лидерската средба.
Со нас не можат да се договараат. Ние сме тврд орев, рече Апасиев.
Се уште не е познато ниту дали на лидерската средба ќе учествува претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами. За денеска во 11 часот Касами свика прес-конференција на која се очекува да ја соопшти конечната одлука околу учеството на средбата.
Идејата за одржување на средба на партиите на Албанците на која би се разговарало за измени на Амандманот 5 со кој би се сменила формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, ја најави потпретседателот на Движењето Беса, Арјанит Хоџа.
Тој информира дека Беса ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба.
Хоџа потоа во телевизиско гостување изјави дека некои од партиите побарале да ги консултираат партиските органи пред да го изнесат нивниот став за идејата на Беса, а од некои партии немаат одговор, туку само потврда дека им стигнала поканата за средба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.