Државата не открива колку ќе чини уништувањето на 300.000 дози на вакцината „Фајзер“ против ковид-19 на кои рокот им истекува на крајот на февруари. Тие ќе завршат на депонија како медицински отпад, а од Министерство за здравство велат дека сумата е деловна тајна, на што земјава се обврзала при набавката на вакцините.
Клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините е тоа што секоја држава па и нашата се обврзала на доверливост на склучените договори и примените информации. Сумите за набавка, времето на уплата, за вакцините против Ковид 19 се деловна тајна на производителите и нашата земја се обврзала да го почитува тоа, наведуваат здравствените власти.
Македонија на залиха има и 113.000 вакцини од „Фајзер“ со рок јуни, како и 60.000 вакцини од истиот производител со рок на употреба до јули. Но и покрај овие залихи и малиот интерес за вакцинација државата набавува дополнителни количини.
До крајот на неделава ќе стигнат 250.000 илјади вакцини на „Фајзер“, донација од Италија преку Ковакс-механизмот, а од мај до декември преку директен договор со Македонија компанијата ќе испорача 500.000 вакцини.
Сега 41 процент од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцина, а само 128 илјади примиле трета доза. Од Здравство велат дека веќе се преземаат активности за зголемување на опфатот на вакцинација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.