Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори.

Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка – рече Даштевски.

Вратени се сите уреди за биометриска идентификација, се празнат, а потоа се ставаат податоците за вториот круг од изборите, додава претседателот на ДИК, потенцирајќи дека лицата ангажирани за изборите работеле напорно и за време на викендот за да може навреме се да биде завршено. Даштевски ја нагласува и позитивната оценка што ДИК ја доби од ОБСЕ/ОДИХР.

Значи, многу работа, меѓутоа се надевам дека бидејќи во првиот круг испадна се’ добро, еве јас малку би рекол тука – мора да се каже дека една од ретките светли точки ако не и единствена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е пофалбата за ДИК дека добро ја извршила својата работа, што не беше случај со другите државни органи. Значи, кога ќе се стават вистински луѓе на вистински места може да се заврши добро работата што би требало да биде пракса кај нас, да не биде исклучок – изјави тој.

Државната изборна комисија донесе упатство со кое им укажува на гласачите дека на 8 мај на гласање ќе може да излезат само еднаш. Даштевски за МИА детално ја објаснува постапката за гласање, потенцирајќи дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Тоа, вели, треба добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има цензус.

И тоа упатство е дека фактички граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди гласа. Е сега кога ќе дојде и кога ќе го праша овој што е на уредот ќе го праша дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи тоа после нема да можете да го направите. И претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се, мене ме прашуваат луѓе, да се доведе човекот во заблуда бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните па за другите вие може да кажете па јас сум за парламентарни, значи треба добро да се објасни за да има цензус нели, значи треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус – вели Даштевски.

Претседателот на највисокото изборно тело во државата вели дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.