Целта на судската постапка „Талир 2“ ѝ беше насочена исклучиво кон имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече денеска пред судот правниот застапник на ВМРО-ДПМНЕ Ружица Николовска по изрекувањето на судската одлука во предметот „Талир 2“.

Николовска рече дека иако судечкиот совет се обидел да ја оправда одлуката со толкување некакви законски одредби, јавноста е сведок дека правата на политичката партија биле ускратени.

Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се произнесе за сите околности. Да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика, рече Николовска пред новинарите.

Таа додаде дека доколку постојат вина и противправни дејствија, како што тврди судот, можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица.

Овој имот на политичката парија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица. Напротив, во таа политичка партија има многу други луѓе кои придонеле за создавање на тој имот, рече Николовска, која најави дека ќе ги користат правните лекови и дека на крајот правдата ќе биде задоволена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.