Некаде околу пикот сме на сојот омикрон, имајќи предвид дека и во земјите во соседството и во земјите во Западна Европа, овој последен бран на корона инфекцијата се ширеше многу брзо и многу побрзо стивнуваше, истакна директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски, во гостување на вестите на Сител.
Д-р Петличковски вели дека тој не очекува во следните месеци и години короната да биде сериозен проблем за човештвото и препорачува до граѓаните да се носат маски Н95.
Во врска со предлозите од стручната јавност дека треба да се укинат мерките за заштита за да се овозможи формирање колективен имунитет преку Омикрон сојот, базирајќи се на тоа дека дава поблаги симптоми, д-р Петличковски вели дека тоа не е добар повик и дека дури е и опасен, хазардерски повик, затоа што, како што појасни „никој не може да биде сигурен дека кај секој кој ќе се зарази со омикрон, сликата ќе биде лесна“.
Повторно има луѓе кои умираат од оваа зараза. Ние не знаеме во кој момент евентуално и оваа варијанта на корона вирусот ќе се промени во некоја поопасна, а тогаш ќе биде касно да кажеме враќајте ги маските назад. Според сите светски научни препораки, почнувајќи од Центарот за контрола на болести и сите понатаму, ова не е момент маските да се фрлат. Напротив препораките одат во насока да се користат ефикасни маски, да се фрлат маски од ткаенина, хирушки маски и се повеќе луѓето да се ориентираат на Н95 маски – изјави д-р Петличковски.
На прашање дали државата може да овозможи бесплатни тестови на учениците и дали такво нешто може да помогне во ширењето на омикрон, д-р Петличковски истакна дека веројатно тоа може да биде направено.
Трендот во светот е држење на инфекцијата и на преносот на вирусот под контрола со тоа што се намалува периодот на изолација и се тежнее кон тоа луѓето што побрзо да се вратат во нормалниот живот – вели д-р Петличковски.
Според него, во таа насока би било добро оние кои се тестираат и се позитивни да се повлечат кратко од три до пет дена од јавниот живот и потоа по петтиот ден да се тестираат и доколку не се позитивни, да се вратат во нормалното функционирање.
Идејата е да се задржи работоспособноста, да не се појави проблем во економијата. Овие препораки се произлезени од многу сериозни студии. Препоставувам дека се логични – истакна д-р Петличковски.
Во врска со тоа дали може да се очекува зголемен број хоспитализации, д-р Петличковски изјави дека Омикрон е детектиран пред две недели, но оти веројатно бил присутен и некое време пред тие две недели.
Се очекува да има зголемен наплив на хоспитализирани затоа што имаме многу голем број позитивни луѓе. Инаку релативно и бројот на смртни случаи и бројот на хоспитализации е значително подобар кога ќе го споредиме со делта сојот. Но, повторно да не се залажуваме, има луѓе кои умираат после инфекција со омикрон сојот. Препораките на СЗО се во таа насока, пандемијата се уште не е завршена и Ковид се уште е тешка болест. Затоа не е време за олабавување. Кога ќе ги погледнеме икуствата од земјите во Западна Европа гледаме дека овој бран трае кратко и последиците кои ги остава не се така страшни како претходно – потенцира д-р Петличковски.
Тој вели дека е изненадување за науката тоа што лица кои веќе прележале, повторно се заразуваат.
Не очекувавме вакцините да траат толку кратко, имунитетот да отвора простор за нови инфекции. Не можеме да кажеме дека траат многу кратко бидејќи оваа лесна слика повторно може да е резултат и на претходната имунизација. Ние две години живееме со пандемијата и не сме на истата стартна позиција како пред две години. Овој имунитет кој глобално сме го стекнале и со прележување на болеста и со вакцинација има резултат и можеби дел од овие благи клинички слики се должат и на тоа. Овој вирус е изменет во однос на претходните и тие измени му даваат простор да може да ги избегне имуните механизми, но повторно сите статистики во светот укажуваат дека клучната придобивка од вакцинацијата, спасување живот и заштита од тешка болест е евидентна во над 90 проценти од случаите – вели д-р Петличковски.
Во врска со податоците на Институтот за јавно здравје дека седум лица по трет пат се заразиле со Ковид-19, тој истакна дека не е невозможно вирусот да се најде во носот на некоја индивидуа и при тестирање да се покаже позитивен резултат, но тоа не значи дека таа личност е болна.
Носењето на вирусот не треба да се поистоветува со болест, така што за овие по трет пат заразувања треба многу лабораториска работа за да се потврди реално дека се работи за класични инфекции по трет пат. Кај нас не е потврдено такво нешто во лаборатории и не знам во светот дали има потврда за некој кој три пати прележал корона вирус – вели д-р Петличковски.
Тој посочи дека не е исклучено човек да биде позитивен и на едната и на другата варијанта на Ковид-19. Според него, се работи и на нови варијанти на вакцините кои се очекуваат да бидат подготвени во март и кои ќе бидат многу специфични за Омикрон. За третата доза вакцини, д-р Петличковски вели дека постојат сериозни научни податоци кои покажуваат дека со неа се подобрува ефикасноста.
Тој нагласува дека во моментот ситуацијата за човештвото е поволна затоа што омикронот поминува релативно лесно, остава имунитет и во овие изминати месеци глобално сме отишле многу напред со имунитетот.
Реално не можеме да предвидиме затоа што повторно останува тврдењето дека со пренесувањето од еден на друг домаќин вирусот има шанси за менување. Природно еволуциски е да очекуваме дека ќе излезат новите варијанти дека ќе бидат поблагонаклонети и дека оваа епидемија ќе се движи кон ендемска форма односно дека овој вирус ќе продолжи да постои, слично како тоа се случува со грипот во одредени периоди, во одредени региони ќе се зачестуваат инфекциите, но не очекувам лично во следните месеци и години короната да биде сериозен проблем за човештвото, па ниту за Македонија – додава д-р Петличковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.