Поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, на последната дебата „Предизвиците на македонската надворешна политика“ во организација на Советот на амбасадори потенцираше дека договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен.
Преспанскиот договор со Грција кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот. Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот. Или да бидам уште подиректен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка – изјави Црвенковски.
Toj посочи дека тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна.
Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес, кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо, освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но, во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на претседателот Радев дадена неодамна за време на неговата посета на Берлин: „Нема да дозволиме македонизмот да влезе во Европската Унија“. Е па, ние од „македонизмот“ ниту можеме, ниту смееме да се откажеме – истакна Црвенковски.
Имајќи ги предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и црвените линии на двете страни единствено можно решение според него за овој спор е асиметрично толкување на историјата и идентитетските прашања кои произлегуваат од неа.
Односно, секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Дали и кога е такво нешто можно, јас не знам, но она што сигурно го знам е дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања – додаде Црвенковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.