Претседателот на државата Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во честитката на Пендаровски се наведува дека на овој ден се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893 година ја формирале Македонската револуционерна организација.

Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава.

 

Нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот, посочува, се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина.

 

За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото, а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок – стои во честитката упатена од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонската револуционерна борба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.