Поранешниот премиер, Никола Груевски, објави честитка по повод 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„ТОА ШТО НЕ НЀ УБИВА, НЀ ПРАВИ ПОСИЛНИ“ Фридрих Ниче.

 

Во духот на оваа мисла на познатиот германски филозоф Friedrich Nietzsche, на сите граѓани на Македонија го честитам државниот празник на Македонија 23. Октомври, денот на македонската револуционерна борба, денот кога е формирана македонската револуционерна организација во 1893 година.

 

На овој голем македонски празник кој го симболизира зачетоткот, поставувањето на темелите на македонската револуционерна борба, или првиот заеднички состанок на сите шест основачи на македонската револуционерна организација на кој усно го договараат формирањето на Организацијата и нејзините цели и принципи на кои ќе функцционира, а истовремено како современик на денешното време на големи премрежија, предизвици, притисоци и уцени од страна на нашиот источен сосед на патот на Македонија кон ЕУ, со кои се соочува македонската држава и македонскиот народ, ставено во тој контекст потсетувам на уште неколку мисли на филозофот Фридрих Ниче;

 

„Секогаш ќе има камења на патот пред нас. Тие ќе бидат камен на сопнување или отскочни камења; се зависи од тоа како ги користите“

 

„Понекогаш луѓето не сакаат да ја слушнат вистината затоа што не сакаат нивните илузии да бидат уништени“

 

„Човек го прават несреќен или среќен само неговите мисли, а не надворешните околности“

 

„Во омразата е стравот“

 

„Кој ќе го постигне својот идеал, тој оди чекор понатаму низ него“

 

„Оној кој има ‘зошто’ да живее, може да ги поднесе речиси сите ‘како’ “

 

„Кој не се жртвувал еднаш за своето добро име?“

 

„А ако некој пријател те повреди, кажи му: ти простувам за тоа што ми го направи; но што си направил себеси – како да ти простам!“

 

Основачите на Организацијата Д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, на кои малку подоцна им се приклучија и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Пере Тошев, Јане Сандански, Борис Сарафов и плејада други храбри револуционери и борци за слобода, тргнаа во остварување на својот идеал по секоја цена, без разлика што за тоа ќе кажат авторитетите во Османлиската Империјата чии составен дел тогаш била Македонија, или пак што ќе кажат другите држави и империи во Европа, кај кои низ нејзиното 41 годишно постоење за жал не обезбедиле пресудна подршка.

 

„Ако одлучите да направите нешто, затворете ја вратата на сомнежот.“ Ф. Ниче

 

Кога се наближило времето на илинденското востание припадниците на врховниот македонски комитет (ВМК) под раководство на Цончев (по превратот и смената на Борис Сарафов од позицијата претседател на ВМК чии позиции на делување биле на истата линија со задграничното преставништво во Софија во тоа време водено од Гоце Делчев и Ѓорче Петров) и особено оние воените кругови и припадници на ВМК, потценувајки ги и подбивајки се со нив, велеа „учители ќе креваат востание“ (парафраза од „Лица и настани од моето време“ том 4 од Симеон Радев), сакајки да ги превземат нивните улоги пред востанието, но храброста, вољата и решителноста на водачите беа пресудни и цврсти.

 

„Да, има нешто неранливо во мене, незакопано, нешто што ги разнесува карпите: тоа се вика моја волја. Низ годините чекори тивко и непроменето“. Ф. Ниче.

 

Основачите и водачите на Организацијата, заедно со сите нивни борци испишаа голема и славна историја и започнаа еден неповратен процес за слобода и создавање на независна македонска држава.

 

Иако учители на бугарската егзархија во време кога сите училишта биле црковни (главно на грчката или бугарската црква-егзархиската) и непостоеле цивилни училишта, ниту пак македонска црква, тие својата активност како учители ја користеле во пропагандни цели за будење на свеста на македонскиот народ за ослободување, востание и автономија, под која во некоја форма се подразбирала независност.

 

Така во една прилика во 1894 година Петар Поп Арсов ќе истакне:

 

„Егзархијата дава пари и купува ветер, зошто народност со пари не се купува“

 

За антиегзархиското движење Ѓорче Петров ќе истакне дека тоа го толкува „просто како реакција против долгогодишниот стремеж на Егзархијата да го сосредоточи во свои раце диригирањето на општествениот живот, а освен тоа, го сметам за прв чекор кон самодејност на земјата“.

 

Кај Иван Хаџи Николов, опфатен од ослободителбата идеја уште од помладите денови се зацврстила мислата дека „само една тајна револуционерна организација ќе може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија“ (од записите на Иван Хаџи Николов), бидејќи претендирале да постанат „Србија -Балкански Пиемонт, Бугарија – балканска Прусија!“

 

Кога Гоце Делчев заедно со Петруш Делииванов пристигнал во Штип во ноември 1894 година и кога се одигрува првата историска средба меѓу него и Дамјан Груев, кој тогаш бил учител во Штип, уште првата вечер на провокативното прашање на Д.Груев (кој до тогаш само имал слушнато за Г. Делчев од времето кога ја сондирале идејата за формирање на МРО), зошто ја напуштиле Бугарија каде Делчев се школувал, Гоце впечатливо и огнено одговорил: “Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ по несреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа одколку Македонија? Даме возвратил со „Добро сте ми дошле“ и му дал примерок од уставот а следниот ден положил заклетва. Така почнале да дејствуваат во штипската приградска населба Ново Село активностите на овие двајца револуционери кои во најголема мера допринеле Штип да израсне во вистински бастион на македонската ослободителна борба во годините и децениите подоцна.

 

Идеалите на оснивачите и водачите, треба да бидат наша инспирација и мотивација за остварување за идеалите на денешното време. Нивната храброст, решителност, чистота на идејата за ослободување и дистанцата од туѓите пропаганди и аспирации кон Македонија треба трајно да ги вградиме кај секое од нашите деца, и тоа не само преку училиштата, туку пред се во домовите.

 

Нека е вечен празникот 23. Октомври, денот на макеоднската револуционерна борба!
Денот кога се поставени темелите на македонската револуционерна организација – МРО (подоцна ВМРО)

 

Да опстои и да зацврсти духот и идеалите за кои нејзините основачи, водачи и припадници ги положија своите животи!

 

Нека е вечна Македонија!“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.