На денешниот протест пред Владата на Република Македонија против прифаќањето на францускиот предлог под мотото „Ултиматум-Не благодарам“, се обрати и новинарот Коле Чашуле. Тој на присутните им порача дека оваа генерација Македонци се наоѓа на крстопат и исправени пред еден од најголемите предизвици од поновата македонска историја, па затоа треба да се каже не на ова што се прави на Македонија.

– Ги напишав овие листови и мислев да направам говор, но кога се зборува пред горд македонски народ тешко дека ќе помине говор и затоа ќе ви зборувам од срце. Како сте горди Македонци? Трема ми е да зборувам пред вас. Да се застане вака исправено пред горд македонски народ не е лесно. Да ве прашам сите како сте. Јас мислам дека не сме добро. Вакви искушенија ретко која генерација ги има преживеано. Мислам дека никој во оваа наша земја не се чуствува добро. Пред некое време предупредив дека ни доаѓаат тешки времиња, дека ќе биде пеколно и дека ни доаѓа жешко лето и еве го. Жешко не ни е заради сонцето што не грееше денеска или заради високите температури, жешко ни е затоа што вриеме сите одвнатре. Вриеме, бесни сме и гневни сме. Гневни затоа што изгледа тоа е судбината на овој напатен народ и ако некогаш сме блескале тоа е затоа што сме гореле, а сега гореме како Македонци, како што гореле илинденците и партизаните. Ние нашата генерација, исто како и тие се наоѓаме на крстопат и исправени сме пред еден од најголемите предизвици од поновата македонска историја. Предизвик кој навистина мислам дека е на ниво на Илинденското востание и на зародишот на востанието антифашистичко во 1941 година, рече Чашуле.

Тој додаде дека нашите предци морале да земат оружје во рака за да ни ја остават оваа земја во наследство, а ние за среќа не мора да испукаме ниту еден куршум, туку да го искористиме сиот демократски арсенал и за да се да се одбраниме од оваа агресија која надвиснува над нас.

– Нашите предци морале да земат оружје во рака и дел од нив да го жртвуваат својот живот, да го ослободат ова мало парче земја за да сега ни го остават во наследство. Зарем ние сега ќе го дадеме така, без куршум, без збор молчешкум? Не! Да ве слушнам сите, не! За среќа ние веројатно нема да треба да испукаме куршум. Не знам зашто толку полиција има насекаде. И тие се Македонци, и тие ја чувствуваат истата болка. Ние ќе го искористиме сиот демократски арсенал, се што имаме за да се одбраниме од оваа невидена агресија која надвиснува над нас. Да кажеме не, доста е, потенцираше Чашуле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.