Потпретседателот на Европската комисија (ЕК) и висок претставник на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, го повикаа македонскиот парламент да го поддржи предлогот за почеток на преговорите со ЕУ.
„Го поздравуваме компромисниот предлог којшто ги зема предвид интересите и загриженоста и на Македонија и Бугарија, засновајќи се на взаемна почит, доверба и разбирање. Суверената одлука на парламентот на Македонија ќе биде важна за придвижувањето напред. Духот на конструктивен компромис, на кој се заснова европската интеграција, треба да продолжи да ги инспирира сите вклучени во историскиот процес“, велат Борел и Блинкен.
Се додава дека во овој критичен момент во европската историја, одбележан од неоправданата агресија извршена од Русија врз Украина, придвижувањето на Албанија и Македонија кон ЕУ е клучот за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот Европски континент.
„Водени од заедничките вредности и стандарди и одредници на ЕУ, двете земји се подготвени да го преземат следниот чекор кон членство во ЕУ“, се вели во заедничката изјава.
Борел и Блинкен додаваат дека ЕУ и САД се посветени на поблиска соработка во Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.