И во текот на вчерашниот ден повеќе средни и основни училишта во Скопје добија дојави за бомби, за кои МВР подоцна соопшти дека по извршените проверки сите биле лажни. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека очекува Владата во најбрз можен рок да ги дискутира новите проблеми кои произлегоа од дојавите за бомби. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, рече дека интензивно работат со МОН и веќе се направени одредени усогласувања, бидејќи, како што посочи, сите треба заеднички да постапуваат за да се дојде до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес.
Шаќири кажа дека во средата најголем број училишта што добиле заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добиле дојава и не биле подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн-настава.
Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа – во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.
Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн-настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.
На прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, Шаќири одговори дека и тој се прашува зошто „вакви лоши намери“ има само за државни установи.
Министерството за образование и МВР веќе направиле одредени усогласувања за заеднички да постапуваат за да се дојде до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес, изјави синоќа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со дојавите за бомби во училиштата.
Тој додаде дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.
Како што посочи, се бараат и решенија за решавања на целата состојба поврзана со дојавите за бомби, и напомена дека она што вчера е донесено како акт, ќе биде дел од решението на процесот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.