Општата болница со проширена дејност од Кочани отплатила поголем дел од заостанатите обврски кон различни доверители, со што ја намалила задолженоста за над 81 отсто.
Од затекнатите долгови во 2017 година, во износ од околу 28 милиони денари, на почетокот на мај годинава неподмирени останале близу 5,3 милиони денари, од кои најмногу кон Институтот за трансфузиона медицина и Медицинскиот факултет од Скопје, а помал дел за гориво за возилата на итната помош.
-Според податоците добиени од Министерството за здравство, во моментот имаме остварување од 82 отсто од финансиските средства што ги добиваме од Фондот за здравство, што е еден од највисоките проценти на ниво на држава. За да се обезбеди заштеда на средствата, во нашата здравствена установа во изминатите неколку години не е исплатена ниту една дневница за службено патување, нема трошоци за репрезентација, а внатрешните членови на Управниот одбор работат без надоместок. И покрај недостигот на медицински персонал, успешно се справуваме со сите задачи и предизвици, а заедно со кадровското доекипирање, еден од приоритетите ни е да обезбедииме финансиска стабилност и навремено подмирување на тековните и другите обврски, истакна Александар Серафимов, директор на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани.
Менаџментот и медицинскиот персонал добиле позитивни оценки за работењето и при ненајавената контролна посета на болницата, што пред десетина дена ја направил министерот за здравство Фатмир Меџити. По обиколката на сите болнички одделенија и Итната медицинска помош не биле упатени никакви забелешки.
Општата болница од Кочани го очекува враќањето од специјализција на 16 млади лекари, кои треба да го надополнат недостигот на одделенијата за интерни болести, хирургија, гинекологија, педијатрија и другите оддели, како и во новиот Центар за ментално здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.