Општина Битола и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство потпишаа Меморандум за отворање на Регионален советодавен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Пелагонискиот регион. Општина Битола се води од начелото да биде вистинска поддршка за сите нејзини граѓани, а услугите кои ги нуди да одговараат на нивните индивидуални потреби. Отворањето на овој центар значи решавање и превенирање на еден сериозен проблем во заедницата, потврден, за жал, низ конкретни бројки и показатели.

Во текот на 2021 година според податоците на Центарот за социјална работа во Битола значително е зголемен бројот на жртви на семејно насилство и тој изнесува вкупно 148, од кои 105 се жени, 28 мажи и 15 деца. Од сите овие 148 случаи, само на два им е пружена психо-социјална поддршка во Центарот за социјална работа, евидентирани како жртви на семејно или родово базирано насилство. Оттаму доаѓа неопходноста од отворање на еден ваков Регионален советодавен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Битола, но и во Пелагонискиот регион. Во оваа прилика ќе ги споменам податоците за целиот Пелагониски регион каде според добиените податоци од центрите за социјална работа на Битола, Ресен, Прилеп, Крушево и Демир Хисар во периодот 2020 година и јануари – јули 2021 година вкупно се пријавени и евидентирани 588 жртви на семејно насилство од кои 412 се жени, 164 мажи и 12 деца, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Претседателката на Советот, воедно и претседателка на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите Габриела Илиевска, посочи дека станува реалност, долго посакуваниот и многу потребниот Регионален советодавен центар, кој активно ќе работи на подобрување и унапредување на социјалните услуги за жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.

Локалната самоуправа е клучен чинител во справувањето со родово – базираното насилство и има обврска да обезбеди заштита на жртвите од семејно насилство преку поддршка и основање на специјализирани сервиси. Недоволниот капацитет за сместување и недостигот од потребни ресурси во Битола и Пелагонискиот регион се причина за несоодветната заштитата на жртвите на семејно насилство и обесхрабрување на жртвите да побараат соодветна помош. Поддршката и заштитата на жртвите од семејно насилство е недоволна и недостасува. Затоа ние како Совет и како Комисија за еднакви можности со огромна поддршка на градоначалникот Коњановски пристапивме токму кон формирање на ваков Регионален советодавен центар за жртви на родово базирано и семејно насилство. Горда сум што Битола добива ваков центар и им овозможува помош и поддршка на жртвите, истакна Илиевска.

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, изрази особено задоволство од потпишувањето на Меморандумот, востопставените односи со општината за успешна соработка и успешна работа на Регионалниот советодавен центар, со цврсто верување дека сите општини од Пелагонискиот плански регион активно ќе се вклучат во поддршката. Проблемот со семејното насилство, посочи таа, е многу присутен во речиси сите општини во земјава, па оттука од огромно значење е вклучувањето на локалните самоуправи во надминувањето на овој проблем.

Со овој чекор, Општина Битола се вклучува во одбележувањето на празникот на жената 8 март.

Посакувам секој 8 Март, да го одбележуваме со нови победи, со добиени битки и вистински услови за еднакви можности меѓу жените и мажите, а во меѓувреме, за да биде така, мора да ги создаваме секој ден, буквално, испрати порака претседателката на Советот Габриела Илиевска.

Градоначалникот Коњановски, подарувајќи им цвет на присутните дами, во честитката истакна:

Сакам да упатам честитка по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март, со ветување дека секој ден и секоја година одбележувањето на овој празник треба да биде со конкретни чекори во унапредувањето на еднаквите можности меѓу жените и мажите, секојдневно градење поволно опкружување за реализација на женските права, како денешниот со прецизна акција за решавање на непосредните проблеми со кои се соочуваат жените во заедницата. Нека е честит 8 Март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.