Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска се обрати на националната конференција „Подобрување на системот за стручно образование и обука во 5 региони – потенцијал и проценка на капацитетите на средните училишта во регионите“. На конференцијата беше присутен и генералниот секретар на Владата на Република Македонија Методија Димовски.

Во продолжение ви го праќаме неговото интегрално обраќање:

Ова е мое веќе четврто обраќање на оваа или слична тема во последниве две недели, а кое опфаќа образование, вработливост или недостаток од истата, млади, пазар на труд, миграција.

Сите се поврзани и меѓусебно зависни и доколку не ги гледаме со холистички пристап и не успееме да ја адресираме нивната комплексност, ќе имаме следни 30 години во кои повторно ќе се прашуваме што правиме погрешно.

Пред, не повеќе од десетина дена имав обраќање и изјава за кои добив многу коментари, бидејќи фактите се непријатни и не звучат политички позитивно, па затоа веројатно не се очекува од некој на мојата позиција да ги каже на јавен настан.

Но, сé додека не зборуваме со факти, односно со вистината или реалноста на ситуацијата, нема да го стигнеме прогресот кој ни е потребен. А ова е исклучително важно, сега кога сме во процес на скрининг со Европската Унија каде треба точно, фактички и искрено да измапираме каде сме јаки, каде слаби и на што насочено и со многу интенција треба да работиме. Верувам дека господин Васало ќе се согласи со мене, но уште поважно е да разбереме дека тоа не го правиме за некој друг, за Европската Унија или надворешен фактор. Го правиме за нас, за нашата иднина, за нашиот развој.

Затоа да ги погледнеме фактите:

Според статистиката на Агенција за вработување имаме над 90% од невработените лица кои според сегашните побарувања на пазарот на трудот се невработливи или според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот, влегуваат во категоријата „функционално неписмени“.

Ова значи дека ова е кадар кој, „жедниот“ пазар за труд не може да го впие, затоа што е несоодветен и ова е веќе децениски проблем.

Тука, она што е завршено и во иднина ќе се развива со овој проект е исклучително важно. За ова треба да зборуваме.

Средните стручни училишта се можеби столбот на развојот на образованието, нивниот развој, заедно со Центрите за стручно образование кои се веќе оперативни во Тетово, Куманово и Охрид и дополнителните два кои ќе се отворат, а ќе нудат доквалификација и преквалификација на кадар, можат значително да ја променат оваа слика.

Концептот на доживотно учење, промена, флексибилност и адаптирање на кадарот кој сака да остане активен на пазарот на труд е реалност која секој мора да ја прифати. Знам дека ова е процес кој оди споро и тешко, имајќи го предвид системот од кој излеговме, кој не го поттикнуваше овој динамичен пазар на труд, туку напротив. Но, поминаа 3 децении, време е да го фатиме чекорот.

Затоа денеска посакувам добра конференција, но и повеќе од тоа, очекувам жива дискусија на оваа важна тема.

Погледот напред е дека треба да се свртиме кон вработливоста, односно да го мериме кадарот со квалификации кои се потребни на современиот пазар на труд, а тоа веќе не подразбира тешка индустрија, туку кадар подготвен за четвртата индустријализација, односно роботика, мегатроника и вештачка интелигенција.

И пред да завршам, една од најдобрите вести кои ги прочитав во последниов период е насловот за средното стручно „Михајло Пупин“ и нивната Ученичка компанија, дополнително, училиштето е енергетски ефикасно, бидејќи има инсталирана фотоволтаична централа, а учениците се активно вклучени во практична настава во компании. Вака изгледа иднината. Секоја чест за професорите, менторите и секако учениците кои верувам дека пред себе имаат успех.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.