Во Валандово денеска се одржа „Бизнис форум 2022“ на којшто учествуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов.

Поддржавме повеќе од 20.000 компании и зачувавме околу 80.000 работни места. Само преку Планот за економски раст ги поддржавме компаниите со близу 49 милиони евра. Преку Законот за контрола на државна помош од Владата и од ДТИРЗ, се исплатени 19,5 милиони евра, додека околу 16 милиони евра исплативме преку инструментите на ФИТР. Дополнителни 13 милиони евра, исплативме преку мерките од Законот за финансиска поддршка, истакна Битиќи во своето обраќање.

Тој посочи и дека преку „Планот за економски раст“ на компаниите им овозможиле да не престанат да размислуваат стратешки, напротив ги мотивирале да ги планираат развојните компоненти на компаниите на среден и на долг рок.

Во изминатите две години и покрај кризата со пандемијата на коронавирусот, Битиќи нагласи дека Владата воведе мерки преку кои го стимулираше стопанството. Преку сетовите на економски мерки како што истакна тој, Владата успеа да ја одржи ликвидноста на компаниите како и да ги зачува работните места.

Лукаревска посочи дека УЈП во целиот овој период овозможи мерките да се реализираат на брз лесен и ефикасен начин, сè со цел градење на праведно и правично општество кое нуди еднакви шанси за сите големи, мали или микропретпријатија.

Целта е да овозможиме поволни услови за раст и развој на домашните претпријатија. Во таа насока, заедно со Владата и стопанствениците, донесовме пакет од 26 мерки преку кои овозможуваме поволни услови за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на претпријатијата, вели таа.

Директорката на УЈП додаде дека успешно биле спроведени и мерките за финансиска поддршка за исплата на плати на работодавци погодени од пандемијата, мерките за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, за одложено плаќање на даночен долг и низа други поволности сè со цел градење на партнерски однос со стопанството

Градоначалникот Костадинов, во своето обраќање нагласи дека добрата локација на Општина Валандово резултира со многу природни ресурси што ако се искористат од страна на бизнис заедницата, може позитивно да се одразат врз домашната економија. Тој ги повика стопанствениците да инвестираат во општината со која раководи, им ги презентира поволностите кои ги нуди општината за развој на бизниси.

Имаме особено голем потенцијал за реализација на инвестиции за производство на енергија. Особено, огромна можност нуди искористување на соларната енергија. Особено денеска, кога сите сме соочени со енергетска криза и нестабилност на пазарот на енергенси. Валандово е одличен потенцијал за развој на вакви инвестиции. Имаме сонце над 300 денови во годината, најниска стапка на оданочување, транспарентна и брза администрација, истакна градоначалникот на Валандово.

Бизнисмените кои учествуваа на форумот ја поздравија заложбата на Владата за креирање на позитивна бизнис клима и постојаното поддржување на проекти низ целата држава со што директно се влијае врз рамномерниот регионален развој на Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.