Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, објасни денеска зошто проектот за изградба на коридорите има потребна од законски измени.

-Не слушам никаде да се дискутира еден момент. Зошто никој не праша зошто автопатското решение што „Бехтел и Енка“ ќе го гради е Гостивар-Бокојчани, Требеништа-Струга, а Бокојчани-Кичево како ќе се оди? По колски пат? Зошто тоа прашање никој не го постави? Еве ќе ви кажам, поради тие закони кои ги имаме денес, имаме проект изготвен пре 6-7 години, финансиран од ЕБРД и средства од ЕУ. Решението кое ни го дале на маса имало три опции кои можеле да се изберат. Нашите познати архитекти и проектанти го избрале најдоброто решение за нив. Но најдоброто решение поминува врз село Бокојчани. Значи автопат со 45 метри широчина при што треба да се дислоцираат 27 куќи и гробишта 400 години стари – рече Битиќи во интервју за ТВ21.

Мултинационална компанија како „Бехтел“, додаде тој, не може да си приушти да чека некој да се занимава со вакви ситници.

-На „Гугл мапс“ си седнале и проектирале, не излегле на терен. Законското решение тоа им го нуди. Ние сакавме пред 2 години да го објавиме тендерот, но граѓаните реагираат – извинете, а како ќе ни ги дислоцирате гробиштата? Двете опции кои биле отфрлени биле подобри, поевтини и без никаква штета. Но некој ја избрал оваа траса – рече Битиќи.

Тој рече дека договорот не се објавува поради технолошкиот процес на самата компанија, и дека такви договори се потпишуваат меѓу Влади и големи корпорации.

-Договорот има клаузула за прифатливост и доверливост. Нема ништо да биде сокриено, секој детал и секој денар кој ќе биде потрошен ќе биде обзнаен пред граѓаните, за разлика од другите автопати кои се правеле во минатото – рече Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.