Демонстриравте дека сте посветени на тешкиот реформски процес што е во тек. Сакаме преговорите и пристапувањето да се случат што е можно побргу. Во моментов сте соочени со навистина важна одлука и јас лично сум многу возбуден од можноста Македонија да стане членка на Европската Унија, изјави министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен.
Јас доаѓам од земја од којашто не ни беше дозволено да зборуваме на ирски јазик долги години и со членството во ЕУ, нашиот јазик доби навистина еден извонреден статус. Сигурен сум дека тоа ќе биде случајот и со македонскиот јазик. Тоа што сакам да кажам е дека нашиот идентитет како нација беше зајакнат со членството и ни даде храброст и сите тие знамиња што се во ЕУ претставуваат земји што се еднакви и тоа е она што ние го вреднуваме во Унијата, истакна Бирн.
Тој порача дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени со предлогот, а ќе бидат и зајакнати со членството во Унијата.
Знаеме дека историските и билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка но и од наша ирска перспектива нашите билатерални прашања подобро се решаваат како дел од ЕУ. Постојат и уставни промени што нема да ги спречат почетокот на преговорите, меѓутоа ние како дел од нашиот договор кога станувавме членка моравме да направиме еден навистина тежок компромис, рече ирскиот министер за европски прашања.
Во однос на општествениот и економскиот напредок, тој посочи дека кога Ирска станала дел од европската заедница имале милион вработени, додека според податоците од минатата година, таа бројка денес е 2,5 милиони вработени. Бирн истакна дека претставува извонредна разлика и оти не постои сомнеж дека и Македонија ќе просперира и ќе успее како економски, така и општествено.
На прашањето како би ја оцениле преговарачката рамка, финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен порача дека целосно се почитува македонската култура, јазик и идентитет.
Преговарачката рамка не треба да има никакви влијанија предизвикани од билатералани прашања или прашања поврзани со историјата и идентитетот, се работи за проширување на ЕУ и преговарачкиот процес и сите тие имаат свои методологии, имаме програма и ги имаме сите инструменти и треба да се започне со самите преговори, вели Тупураинен.
Советот, како што посочи, едногласно донесе одлука дека ќе ги почне преговарачките процеси кога ќе се усвои преговарачката рамка, а според финската министерка тоа ќе се случи многу брзо, бидејќи, како што истакна, Македонците го заслужуваат тоа и заслужуваат ЕУ да го испорача тоа што го има ветено.
Министерот за европски прашања на Ирска порача дека со овој предлог се заштитени македонскиот јазик и идентитет и со ова се оставаат сите билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.
Тоа што ние сакаме да порачаме, ова е вашето време нема подобар предлог што е на располагање и доколку се случи тоа ќе биде причина за прослава бидејќи ќе доведе до напредок на целата земја и граѓаните. Ако не се случи јас нависитина не знам што да кажам, ако се потпише се разбира дека ќе има и компромиси, меѓутоа и со тие компромиси предлогот содржи големи победи и за земјата и за македонскиот народ. Се разбира крајната цел е полноправно членство, порача Бирн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.