Беса бара со отворањето на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата да се вметне и употреба на албанскиот јазик како службен јазик на ниво на цела територија. Според Беса сега е историски и важен момент за иднината на државата со кој како што велат, ќе може да се поправат историските грешки.

„Преку внатре-етничка и меѓуетничка кохезија, кои се направени преку неадекватна формулација во Уставот на Република Македонија и да се изгради устав кој ќе биде главен извор на мирот, толеранцијата и демократските вредности“ изјави   Фатмир Сабриу од Беса.

Од партијата посочуваат дека од предлагачот на уставните измени – Владата бараат во текот на составувањето на нацрт верзијата на уставните измени која ќе биде испратена за расправа до Собранието да се вметнат два амандмани.

„На целата територија на Република Македонија и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо“ е наведено во предлог измената на еден од членовите на Уставот.

Сабриу вели дека Беса не е против вклучувањето на бугарската заедница во преамбулата на уставот на државата, но инсистира да се смени амандманот V од уставот и албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.