Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствaри средба со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан.

На средбата се разговараше за енергетската криза која што ја зафати, не само Македонија, туку и цела Европа, како и за мерките кои ги превзема Владата со цел полесно справување.

Министерот Бектеши го информираше поглаварот на МПЦ за мерките и препораките на Владата за штедење на електрична енергија за институциите, домаќинствата и за бизнисот.

Ситуацијата со енергетската криза со која се соочуваме е сериозна и апелираме до сите граѓани да придонесат секој на свој начин полесно да го пребродиме периодот кој што следи. За нас е важна поддршката од верските заедници во државата се со цел да се подигне свеста кај граѓаните во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостаток на електрична енергија ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани – кажа министерот Бектеши.

Архиепископот Стефан, пак, изјави дека „Црквата и досега силно апелира до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие трудни времиња, а на наредната седница на Светиот архиерејски синод, која ќе се одржи следната седмица, се очекува да се состави и официјално, јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верните чеда на МПЦ за насушноста од штедење, зашто само така ќе си помогнеме и себеси, но и на нашата држава во целост“.

Двајцата се согласија дека е важно во овој период сите рационално да трошат електрична енергија и упатија порака порака дека во оваа криза сите треба да бидеме свесни и да штедиме.

Да не се троши струја непотребно, да го разбереме времето во кое живееме затоа што никој не може да ни помогне во кризни времиња ако ние самите не си помагаме, заклучиле тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.