Единаесет лица незаконски работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако биле без договори за ангажман, а дел од нив и без соодветно образование, покажа вонредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) во Клиниката за токсикологија по добиената претставка од вработени.

Станува збор за пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант.

Клиниката има рок од пет дена за поправање на утврдените недостатоци по што ќе следува нова контрола од ДЗСИ.

Издадено е решение за да се преземат следните мерки – здравствени услуги на Клиниката да се укажуваат од здравствени работници и соработници кои имаат важечки договори, здравствени услуги да се укажуваат од здравствени работници кои имаат соодветно образование, согласно закон. Медицинскиот и организацискиот директор да ги извршуваат непречено обврските од самостојна, а особено заедничка надлежност, изјави докторка Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

Министертвото за здравство и министерот Демири засега воопшто не ги земаат предвид реакциите на поголемиот дел вработените за однесувањето на организациската директорка Бесија Иљази. Тие посочија дека ниту комуницирала бидејќи не знаела македонски, и не почитувала одлуки на стручниот колегиум. На вчерашната прес-конференција зборуваше само на албански јазик, по што новинарите од македонските медиуми ја напуштија салата.

Затоа, пак, беше најавена смена на медицинскиот директор на Токсикологија, доктор Данил Петровски, кој најверојатно ќе одговара зошто 18 лица кои оделе на работа четири месеци не добиле плата, иако ниеден од нив немал важечки договор и немало зошто да доаѓа на клиника.

По сите случувања последните месеци, познатиот доктор од Токсикологија, Нико Беќаровски, најави дека ќе ја напушти клиниката.

35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кихот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте, напиша кратко на ФБ профилот д-р Беќаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.