Комисијата реагира дека и во овој случај постапила согласно надлежноста и одлучила да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува, наспроти Обвинителството кое претходно денес и’ порача да се држи до своите надлежности и да не нанесува штета на постапките во тек.
Од комисијата наведуваат дека се поставува прашањето како Јавното обвинителство ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата се’ уште не е доставена, а ЈО се’ уште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет.
„Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме, бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО. Меморандумот за соработка помеѓу институциите е само израз на добра волја за соработка, но надлежностите се јасно дефинирани во законите. ДКСК почитувајќи ги одредбите во Меморандумот за соработка на ДКСК со ЈО, на редовна средба го извести обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот Труст и дека ќе покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење“, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Се додава дека и понатаму ќе продолжат да постапуваат согласно своите законски надлежности и да соработуваат со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.