Државната комисија за спречување корупција уште во саботата ги предупреди Талат Џафери и Илир Демири дека треба да ги почитуваат законите и затоа што се дел од новиот пратенички состав мора да се откажат од другите функции – технички премиер и технички министер за здравство, досега тоа не е направено.

Како што дознава „Телма“, и денеска двајцата барале документи со нивен потпис во министерството што јасно укажува дека се уште во забранета позиција на неспојливост на државни функции.

Од ДКСК велат дека ќе добијат и казна ако не се откажат од една функција.

Во случјаот де факто постои неспојливост односно една институција или едно лице извршува двојство на функции. Во тој случај, ДКСК има законска обврска да покрене прекршочна постпка согласно член 105 каде е уредено дека се изрекува глоба од 300 до 500 евра во денарска противвредност на избраното и именуваното лице каде што имаме утврдено неспојливост на функција, изјави Татјана Димитровска, претседател на ДКСК.

Крајниот рок е завршување на денешниот ден, рече Димитровска која ги потсетува пратениците дека треба да ги почитуваат законите, а не да работат спротивно на нив.

Второто решение е и во рацете на Собранието кое мора да ги почитува законите, тврди претседателката на ДКСК.

Собранието е тоа кое ја избира владата и има контролна функција. Треба да ги примени законските одредби, да констатира неспоива функција на пратеник со било која друга фунокија од извршната власта. И на сите пратеници да им укаже на неспоивост и во случај на непостапување од страна на пратениците Собранието треба да постапи согласно член 6 од Законот за Собрание и по член 8 од Законот на пратеници каде е уредено дека на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран ако настапи случај на неспоивост со функцијата пратеник, изјави за телевизијата Димитровска.

Токму првиот човек на Собранието денеска ги собра на координација претставниците на пратеничките групи, но не за она што го бара ДКСК туку за да испреговара брзо менување на законот за влада со нова структура на министерства. Претседателот на Собранието, Африм Гаши кој пред да биде избран на функцијата си поднесе оставка на лидерската позиција во партијата, сега не сака да ги чепка колегите од Европскиот фронт, па во Топ тема на Телма во петокот немаше одговор ниту на прашањето кој ќе им даде плата на двајцата функционери со по две функции.

Како оправдување за состојбата, Џафери и Демири рекоа дека ќе ги замрзнат пратеничките функции до нивна смена со новата влада, но такво решение не е предвидено во Уставот и законите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.