Нецелосниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10Д кој е доставен до Антикорупциската комисија го спречува ова тело да истражува дали има прекршувања и можна корупција.
Од комисијата велат дека досега добиле само дел од договорот, па се обидуваат да го го добијат целиот.
Членовите на Антикорупциската комисија велат дека однесувањето и постапките на Владата со усвојувањето на законите по брза постапка и со европското знаме отвораат многу сомневања за корупција.
Она што може да се оцени од сега е фактот дека спроведувањето на ваквите закони е спротивно на европските стандарди. Таквите закони можат да продуцираат сè. Ние можеме само да информираме, да препорачаме и да започнеме иницијатива за одговорност и толку, немаме никакви алатки да ги принудиме институциите и функционерите да ги почитуваат нашите иницијативи и мерки. Употребата на европското знаме, носењето закони по скратена постапка, носењето посебни закони кои ги негираат сите други закони, значи дека ни се случува политичка корупција, рече Нури Бајрами, Антикорупциска комисија.
Подолго време Антикорупциската комисија алармира дека најголем проблем во државата е што корупцијата станува легална, а институциите ги занемаруваат нејзините препораки за преземање конкретни мерки во случаите кога е констатирана корупција.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска изјави дека поради клаузулата за доверливост до Антикорупциската комисија не е доставен целиот договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д.
Согласно договорот што е потпишан, има клаузула за доверливост. За да се достави до медиумите, Собранието и до ДКСК или која било друга институција, освен Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни, односно од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие ни доставија редактирана верзија којашто е доставена до ДКСК за разгледување, изјави Груби, одговарајќи на новинарски прашања на почетокот на градежните активности за изградба на Коридорот 8.
Целосната верзија од договорот, како што изјави Груби, е доставена само со Јавното обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.