Не се знае каде завршиле милиони лични документи на граѓаните. Она што „Република“ прва го објави беше потврдено во интервјуто на првиот човек на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

Исчезнувањето се случило откако била избрана фирма која требало да ја спроведе дигитализацијата во Управата за водење на матични книги. Станува збор за околу девет милиони документи, венчаници, умреници, изводи на родени, народски кажано од турско до сега.

Антикорупционерите во предметот укажаа на две слабости. Првата, на пропусти во тендерската постапка при избор на фирма, која ќе ја спроведе дигитализацијата на изводите од матичните книги на родени, венчани и починати лица, граѓани на Република Македонија, и втората на сомнежот и реалната можност за тргување со податоците и тие да завршиле во една соседна земја, поради непочитување на стандардните безбедносни мерки и процедури.

Ивановска во интервјуто објасни дека  воопшто не се водело сметка за контролата на прибирањето на личните податоци.

За тоа што постои посебна законска регулатива во текот на обработката на предметот ние побаравме Агенцијата за заштита на личните податоци да направи вонредна супервизија во Управата за матични книги и таа дојде до сериозни наоди дека не се водело таква сметка,дека нема логови , дека податоците се чувале на сервери, не се знае кој имал пристап,  просторијата каде што се вршело скенирање не била обезбедена ниту пак лицата што вршеле скенирање немале придружба од овластено лице од Управата за матични книги. Тоа создава сомнеж дека се работело незаконски, што е факт, не се почитувале законите за заштита на лични податоци ниту пак совесно од страна на раководството и службите во Управата за матични книги за што ние покренавме иницијатива за кривично гонење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.