Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 100. седница донесе одлука да достави предмет до Основното јавно обвинителство, како и до Финансиска полиција, против поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, за искористување на градоначалничката функција и да го смени деталниот урбанистички план кај Мајчин дом и на местото каде било впишано зеленило, да се впише деветкатница.

Од Антикорупциска го сомничат Коневски дека за лична корист – добивање деловен простор од 312 метри квадратни, ја искористил функцијата градоначалник и наместо зеленило, нацртал зграда.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, побара Обвинителството и Финансовата полиција да испитаат како го стекнал тој деловен простор и од каде му се средствата за да се стекне со тој деловен простор.

Овој предмет е оформен по сопствена иницијатива, по допрен глас, за изградба на зграда кај Мајчин дом. Во време на владеењето на градоначалникот Ивица Коневски, бил сменет Деталниот урбанистички план на начин што се избришало зеленилото, а се впишала маркица за деветкатна зграда. Подоцна Коневски станал сопственик на простор од 312 метри квадратни, кој договор го склучил со сопственикот „ЗПС Комерц“. Навел дека ќе го исплател преку договорен закуп со фирмата „Тинекс“ на 12 години и со „Авицена“ како закупец, за периодот од 2022 до 2027 година, изјави Ивановска на последната седница на Комисијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.