„Јас како непосреден учесник во одбраната на Македонија во 2001 година, можам само да им честитам на наследниците на УЧК -ДУИ, за почитта која ја покажуваат кон загинатите од нивните редови“, напиша на Фејсбук лидерот на партијата Достоинство и прв човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов за церемонијата што се одржа денеска, а на која беше откриен 20-метарски споменик во чест на паднатите борци на УЧК.
Тие нека си ги чествуваат нивните, ние да си ги чествуваме нашите загинати, а сите заедно да дадеме сè од себе во Македонија никогаш повеќе да не ни се повтори војна и конечно да завладее целосен меѓуетнички мир, додава Ангелов.

Ангелов повика да не се крева, како што вели, непотребна меѓуетничка тензија.

Во фејсбук-статусот Ангелов посочува дека за разлика од овој нов споменик на УЧК, македонските бранители од 2001 година имаат достоинствен и репрезентативен споменик во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на македонското Собрание и скопскиот плоштад, додавајќи оти останува уште на овој споменик на бранителите од 2001, да се поклонат и претставници на највисокиот македонски државен и политички врв.

Свеченото отворање на 20 метарската спомен кула на УЧК во Липково на кое присуствуваа и Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби, Фатмир Бесими, Бујар Османи и други високи претставници на Владата, Собранието и на ДУИ, колку и да не му се допаѓа некому, треба да биде пример за македонскиот државен и политички врв, како треба да се чествуваат македонските бранители од 2001 кои го дадоа својот живот бранејќи ја татковината. Чествување на загинатите, но и почит кон ранетите, трауматизираните и сите останати македонски бранители кои на кој било начин и во кој било обем учествуваа во одбраната на Македонија во 2001 година“, побара Ангелов.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во текот на својот говор порача дека УЧК е составен дел од историјата на земјава, а овој 20-метарски споменик дека не зближува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.