Од формирањето на партијата Достоинство јас сум во политиката и бев огорчен од неинтересот на јавноста за реакцијата на Достоинство поради одбивањето на законот за помош на бранителите. Затоа одржав прес-конференција во која изразив огорченост поради тоа што пратениците на СДСМ гласаа против законот, а можеа барем да гласаат воздржано, рече утрово Стојанче Ангелов, директор на ЦУК и лидер на Достоинство во „Студио 10“ на ТВ 24.

Нашата намера беше да ја информираме Владата за длабочината на овој проблем. Не е проблем онаа мала сума што треба да им се исплати на ранетите и семејствата на загинатите колку што е проблем ДУИ. Сметам дека ДУИ како наследник на УЧК не би требало да прави проблем за тоа. Од друга страна од премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска имавме поддршка. Оттука пратениците на СДСМ можеа да гласаат за потреба од донесување на ваков закон, значи зборуваме за прва фаза, вели Ангелов.

Тој додаде дека премиерот Ковачевски потоа излезе и рече дека ќе разговара со Достоинство за овој проблем и дека не ја губи надежта.

Ниедна мајка не сака да земе пари за смрт на свое дете, но ние како држава сме должни да им помогнеме на другите деца и семејствата на загинатите бранители, вели Ангелов.

Ангелов вели дека си стои на зборот дека ќе ја напушти владината коалиција доколку Владата не одговори на барањето на бранителите, но, вели Ангелов, свесен е дека со излегувањето од коалицијата нема да се случи ни политички земјотрес ни каква било конкретна реакција, но бранителите ќе загубат можност да се изборат за она што им следува.

Ние како Достоинство не можеме да се согласиме еднаков третман да имаат бранителите и оние кои ја нападнаа нашата татковина. Верувам дека треба да им се помогне на децата на загинатите од УЧК, но тоа треба да го направат нивните невладини организации, а на бранителите мора да им помогне државата, вели Ангелов.

Според него, ДУИ покажа како треба да се грижат за своите оти членови на семејствата на нивните загинати се одамна вработени во администрацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.