Треба да ги разграничиме посакувањата од очекувањата. Посакувањата на огромното мнозинство граѓани во Македонија е што побрзо да почнеме преговори за влез во Европската Унија, затоа што тоа го заслужуваме и тоа се посакувањата на генерации Македонци за иднина во Европската Унија, изјави Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски во вечерашното гостување во емисијата „Анализа 24“ на Телевизија 24.

Очекувањата на Андоновски се песимистички и тој не е ниту воздржан оптимист ниту би имал големи очекувања за добивање датум за ЕУ од неколку причини.

„Прво поради тоа што ова ни се случуваше и во ноември, декември минатата година кога на Владата и беше даден вештачки кислород за да ја надмине клиничката смрт со вештачки подгревања на очекувањата“, вели Андоновски.

Андоновски додаде дека во последните 5 години интензивно ни се провлекува добивањето на датум за ЕУ но проблемот е што овој пат се пумпаат очекувањата многу високо и потоа разочорувањето е многу големо. Тоа влева многу сериозна доза на фрустрација.

„Ако постоеше сериозна желба од страна на Европската Унија и на нејзините најголеми лидери да се отпочне со безусловни преговори на Македонија тогаш ќе видевме нешто повеќе од фолклор средби или протоколарни средби кои се случуваат овој период. Наместо тоа ќе видевме дела во пракса“, рече Андоновски.

Андоновски потенцираше дека Бугарија не е најсилната земја членка на Евопската Унија, Бугарија не е ниту Франција, Италија или Германија. Бугарија е една од најслабите по сите параметри во ЕУ. Ако е доволно геостратешни важно Македонија да го отпочне процесот на преговори и Западниот Балкан да добие шанса да биде дел од клубот, тогаш од истата таа геостратешна причина треба да и се каже на Софија полека со етнонационалистичките и шовинистичките барања.

„Петков минатата недела не зборуваше само за Бугарите во Уставот, туку тој зборуваше за нивната рамковна позиција која треба безусловно да ја почитуваме. Според неа Македонскиот народ не постоел пред 2ра Светска војна и потребно е целосно почитување на Договорот за добрососедство што значи дека Македонија во историската комсиија треба да се сложи со Бугарската рамковна позиција“, кажа Андоновски.

Андоновски истакна дека тоа не се ниту европски вредности, ниту европски ставови ниту геостратегија и поддршка на Македонија. Оттука очигледна и оправдана е фрустрацијата на Македонските граѓани која се чуствува кон ЕУ и кон Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.