Амбасадори на десет НАТО земји членки, меѓу кои и амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески остварија работна посета на Украина. Целта на посета беше да се демонстрира силна поддршка на Украина во справувањето со предизвиците од руската воена агресија, соопштија од МНР.

Во рамките на посетата, шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО остварија средби со вицепремиерката за европски и евроатлантски интеграции на Украина, Олга Стефанишина, шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, заменик-шефот на Кабинетот на претседателот Ихор Жовква, и со Олександр Полишчук, заменик министер за одбрана на Украина.

Од страна на домаќините беше истакната важноста на посетата во момент кога Киев и другите градови се соочуваат со нов бран руски напади со проектили и беспилотни летала. Домаќините се заблагодарија и за солидарноста и за големата поддршка што ја добиваат од сојузниците. Тие информираа за актуелната состојба на фронтот, при што го истакна напредувањето на украинските војници на југот на земјата со цел деокупација на украинските земји. На состаноците се разговараше и за можностите за евроатлантска интеграција на Украина. Воедно, беше нагласена важноста од понатамошна помош од НАТО, со посебен акцент на Сеопфатниот пакет за помош на Алијансата за Украина.

Исто така, шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО ги посетија Хостомел и Буча, каде уште еднаш упатија заедничка порака на солидарност со украинскиот народ, како и силна осуда на руските воени злосторствата, воедно упатувајќи повик за прекин на воените дејствија и целосно повлекување на руските воени сили од украинска територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.