Најостро го осудуваме инцидентот со видеото од болницата во Тетово. Пациентките кои се снимани се нечии мајки, сопруги, ќерки, личности со емоции на кои ни криви ни должни им се наруши приватноста. Ваков распад на јавното здравство е невиден. Уверени сме дека ова е последица на некадарноста на Алијанса да се справува со системските слабости во ресорите кои ги бараа и добија. Ниту едно оправдување не држи. За скандалот да биде уште поголем, лекарот кој го снимал видеото е сликан со министерот за здравство при негова посета на болницата во Тетово. Насмеан и среќен. Во цивилна гардероба што укажува дека е можно да не бил на работа туку специјално се појавил за министерот, велат од Алтернатива.
„Почитувани граѓани, занимавањето со политика не се само кадровските комбинаторики. Политиката е сериозна професија и не е за секого. Вие не заслужувате ваква неодговорна власт. Г. Таравари не е од вчера за да не знае што е политичка и морална одговорност. Беше министер за Здравство, работи како лекар во Клинички центар и однапред требаше да знае што значи раководење со ресорите со кои го условуваше влезот на Алијанса во Владата.
Затоа не е доволно да се пријавува случајот во МВР. Неопходна е политичка одговорност за вакви скандали кои се надвор од сите етички стандарди за лекарската професија. Најмалку што може да стори Министерот за Здравство е веднаш да го разреши директорот на болницата во Тетово. Бараме одговорност сега и веднаш!
Алтернатива нема да молчи пред овие скандали, туку ќе ги користи сите механизми за заштита на достоинството и моралот на пациентите во која било здравствена установа“, соопштија од Алтернатива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.