Интересот на децата и образовниот процес треба биде заеднички приоритет, порача владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија од каде што велат дека прекинот на наставата може сериозно да се одрази врз наставниот процес и да им наштети на учениците.

За негативните последици од прекинот на наставата предупреди и УНИЦЕФ, најголемата меѓународна организација за помош на децата во светот.

„Ако се продолжи со прекин на наставата, учениците и наставниците ќе се соочат со пролонгирање на школската година или ќе мора изгубените часови да се надоместат со настава во сабота. Прекин на наставата може да им наштети на уписите, на државната матура, но и на околу петстотини наставници кои треба да полагаат стручен испит. Затоа апелираме СОНК да се врати на разговорите, да продолжи социјалниот дијалог, само така ќе може да се дојде до решение“, велат од СДСМ.

Партијата додава дека Владата покажала слух и разбирање за сите граѓани, за сите работници – го вреднува трудот на наставничките, воспитувачките, учителите.

За период од четири и пол години, велат од СДСМ, платите во образованието се зголемени од 3.200 до 6.400 денари.

„Покрај инвестициите во човечкиот капитал, реализиравме бројни проекти за подобрување на условите за работа на наставниот кадар преку изградба и реновирање на училишни објекти. Раст на платите во образованието ќе има, како и досега заедно со сите засегнати страни низ дијалог ќе дојдеме до решение кое е во интерес на наставниците. Дијалогот ќе продолжи, наставниците ќе добијат повисоки плати, но во процесот на изнаоѓање решенија, учениците не смеат да трпат последици“, се додава во соопштението на СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.