Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид и нуркачките клубови „Амфора” и „Акватек”, денеска го чистеа дното и крајбрежјето на Охридското Езеро на седум локации. Во рамки на акцијата, организирана од Пивара Скопје, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, бил собран отпад со површина од над 100.000 метри квадратни.

Брендот Скопско, како што информира организаторот, секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница.

Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека нашa одговорност е да се вклучиме и да придонесеме кон заедницата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста, изјави Марта Завкова, од Пивара Скопје.

Општина Охрид ја поддржа акцијата, а градоначалникот Кирил Пецаков ветил дека и во иднина ќе се вклучуваат во ваквите еколошки акции и ќе дадат поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство.

Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации, рече Пецаков.

Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина.

Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се препознава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се залагаме за подобра иднина, истакнал Мерко.

Дебрца, според градоначалникот Зоран Ногачески, иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на Охридското Езеро.

Најголемиот слив на Охридското Езеро, реката Сатеска, започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО, вели Ногачески.

Подводно, како што стои во информацијата, езерото се чистело кај Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.