Вицепремиерот Артан Груби во интервју за ИРЛ откри дека на 5 јануари заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, биле на средба со поранешниот премиер Зоран Заев во Струмица, на која разговарале четири часа.

Информацијата ја откри Груби во синоќешното гостување во поткастот „Разговор во редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а причината за средбата биле информациите кои пред Нова година ги објави порталот „Плусинфо“ дека Заев пред неговиот наследник Димитар Ковачевски и тесен круг на луѓе во СДСМ претставил план за поделба на власта меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ без партиципација на ДУИ, односно со друг партнер од албанскиот блок.

-Сега брзо, на петти јануари, ден после роденденот на господинот Ахмети. Значи, на 5 јануари, се видовме со господинот Заев, како што ви кажав, разговаравме околу четири часа. Тој ни беше домаќин, за првпат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски, сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот нс СДСМ и премиер, Ковачевски, рече Груби.

Првиот вицепремиер рече и дека е уверен оти Ковачевски ја има апсолутната поддршка од Заев и сите структури, вклучително и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за кого се шпекулираше дека актуелниот премиер сака да го промени како дел од групата која важи за блиска до Заев.

На состанокот, тврдеше Груби во синоќешното гостување, со Заев се зборувало за тоа како да се обезбедат 80 пратеници кои би ги изгласале уставните измени со кои Бугарите и други делови од народи ќе влезат во Преамбулата од уставот.

-Значи, ние нема за што да се договараме на средбата со господинот Заев, туку разговараме за можни начини со коишто би обезбедиле најмалку 80 гласа, а идеално сите да гласаат за уставните измени и, секако, разговаравме за тоа како беше во 2017 и 2018, 2019 г. и како е можно да се реализираат уставните измени и сега. Секако, со огромен придонес овде и предводник на целиот процес е премиерот Ковачевски. Имаме идеи, имаме иницијативи, не подалеку од неделава веќе ги започнавме процесите и верувам дека јавноста ќе нè поддржи целосно но ќе нè поддржи и опозицијата, рече Груби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.