Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети во понеделникот се сретна со министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.

Ахмети и Генчовска разговарале за спорот меѓу Македонија и Бугарија, решение кое ќе му даде „зелено светло“ на Скопје за почеток на пристапните преговори со Европската унија и одржување на првата меѓувладина конференција, додека земјата веќе ги има исполнето сите неопходни услови, се наведува во партиското соопштение.

Лидерот на ДУИ на средбата изјавил дека „секое одложување на решавањето на спорот меѓу Скопје и официјална Софија оди на штета на бугарската заедница во земјата“.

Ахмети апелирал до бугарските власти за золемување на меѓусебната доверба и заедничка работа „за позитивен епилог на билатералниот спор преку стеснување на просторот за дејствување на агенди во земјата и регионот кои не се совпаѓаат со западните определби“.

Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секако без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на нашите сограѓани, рекол Ахмети.

Челникот на ДУИ, исто така, рекол дека решавањето на спорот меѓу двете земји придонесува за мир, безбедност и стабилност во целиот регион.

Граѓаните веќе очекуваат позитивни резултати за изнаоѓање заеднички јазик во решавањето на спорот меѓу двете земји, бидејќи Европа не е во целосен мир без западен Балкан, оценил Ахмети.

Ахмети и Генчовска на средбата истакнаа дека е неопходно да се интензивираат трговската и културната размена меѓу нашите две земји за подобрување на благосостојбата на граѓаните и подоброто меѓусебно познавање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.