Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес. Што се однесува до Врховниот суд, во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите без било каков внатрешен или надворешен притисок. Ова го порачал лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на денешната средба со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, информираат од ДУИ.
За средбата на Ахмети и Коп, претходно објави и Холандската амбасада во земјава, посочувајќи дека холандскиот амбасадор „пренел порака дека посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава“, како и дека „неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд“.
На средбата, како што информираат од ДУИ, Ахмети и Коп, разговарале за влијанијата на истокот во регионот, владеењето на правото, реформите, како и важноста од европската интеграција.
Владеењето на правото и проверката за сите судии и обвинители, како што информираат од ДУИ, било дел од разговорот на средбата на Ахмети со амбасадорот Дирк Јан Коп.
– Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес, повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите. Според извештаите, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат согласно законот и без било каков внатрешен или надворешен притисок – се вели во соопштението од ДУИ.
Холандската амбасада претходно објави за средбата на амбасадорот Коп со лидерот на ДУИ Али Амети.
– Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар – објави денеска Холандската амбасада во земјава на нејзиниот официјален фејсбук-профил.
Во статусот за средбата, која според фотографијата се одржала во седиштето на ДУИ, се посочува и ставот на Амбасадата за политичкото влијание врз претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.
Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија, стои во објавата на фејсбук-профилот на Амбасадата на Холандија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.