За Алијанса за Албанците (АА) нема дилеми дека има мито и корупција на граничните премини меѓу цариниците и полицајците, но и дека нема дилеми ниту за граѓаните кои синоќа преку Табановце се враќале во татковината дека се применуваат груевистички сценарија со полициска акција да се  покрие најголемиот скандал во последните неколку дена на чело на МВР, а тоа е, нагласува партијата, видеото на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши од прескапиот хотел во Истанбул каде за едно ноќевање се плаќаат 20 илјади евра.

Мала плата, голем профит, нагласува Алијанса за Албанците потсетувајќи на старата мисла со која се опишува состојбата во која нашата земја е опфатена во секоја сфера од чумата на корупцијата.

Корупцијата сега стана генерализирана и мотив да се влезе во политика, да се работи во кое било министерство, државна агенција, во судство, на универзитет или на клиника, за значителен дел од државните функционери партизирани и недопирливи од правдата, веќе не е подобрување на животот на граѓаните или платата во јавниот сектор. Главен мотив за овие функционери е процентот добиен од јавниот тендер, поткупот и подароците од мрежите на организиран криминал. А безбедносниот сектор веќе е еден од најпогодените од корупцијата, наведува Алијанса за Албанците како вовед во соопштението во кое уште се нагласува дека така се објаснува и како рускиот олигарх, санкциониран од САД, стекнал македонско државјанство.

Според Алијанса за Албанците, тоа објаснува и како политичарите, судиите, обвинителите но, и високите полициски и царински службеници водат луксузен живот, со скапи автомобили и одмори во далечни земји коишто нашите граѓани ги гледаат само на филмови.

Оваа јавна тајна синоќа ја потврди и акцијата на граничниот премин Табановце, при што беа запленети значителни суми пари. Јавна тајна, затоа што секој граѓанин на оваа земја знае дека митото и рекетот се правило на граничните точки на државата, кои се гнездо на криминалот и корупцијата. Граѓаните знаеја дека уапсените полицајци и цариници синоќа, се криминализирани. На граѓаните им е јасно и зошто оваа холивудска акција се случи синоќа и за време на големиот бран на иселениците кои се враќаат во татковината, бидејќи веќе се навикнати на груевистичките сценарија кои ја карактеризираат 20-годишната влада на ДУИ. Затоа и ние немаме зошто да не се сомневаме дека оваа акција е спроведена за да се покрие најголемиот скандал во последните неколку дена на чело на МВР, а тоа е видеото на заменик министерот Буши, кое стана вирално на социјалните мрежи. На таа снимка го гледаме заменик министерот за внатрешни работи како се забавува во претседателскиот апартман на еден од најлуксузните хотели во Истанбул, кадешто една ноќ чини ни помалку ни повеќе туку 20.000 евра. Така, министер со месечна плата од 1.000 евра и без пријавен имот на негово име во Антикорупциска комисија, се забавува со семејството во хотел каде што ноќевањето чини 20.000 евра, наведува партијата.

Наведувајќи дека примерот на Буши е илустрација како со мала плата се прави голем профит.

Или заменик министерот излажал во изјавата за имотна состојба или некој му платил 20.000 евра од ноќевање во Истанбул. Ако лажел, треба да одговара според законот. Ако ова било подарок, тој сепак треба да даде отчет, бидејќи подароците што ги добиваат владините функционери од трети лица се регулирани со закон поради ризикот од судир на интереси, уште повеќе во чувствителен сектор како внатрешните работи. Постои уште една изрека што ја карактеризира нашата корумпирана реалност. Рибата скапува од главата. Затоа, наместо функционерите од Табановце, кои се опашка на корупцијата, го повикуваме обвинителството да ја истражи главата на корупција во МВР. Овој случај е уште една причина зошто не може да се бориме против криминалот и корупцијата без точките што веќе ги презентираше Алијанса за Албанците за воспоставување владеење на правото: ветинг во политиката, ветинг во правдата, конфискација на неоправдани имоти и двојно зголемување на јавните инвестиции во судството, во јавното обвинителство и во институциите надлежни за спречување на корупцијата. Овој случај е еклатантен пример и за тимот истражители од САД кои се подготвуваат да ја прошират црната листа на корумпирани функционери во Македонија, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.