Насилството е присутно и зема сериозен замав во македонските училишта. 46 проценти од учениците се изјасниле дека биле жртви на некаков вид насилство на училиште. Најчесто учениците сметаат дека тоа е вербално насилство, а нивните родители велат дека поголем замав зема социјалното насилство, покажа истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН), кое беше денеска презентирано по повод Светскиот ден на дететото.
Наташа Ангелеска проектна менаџерка задолжена за компонентата за безбедноста и насилството во училиштата, истакна дека, за жал, вели, голем дел од учениците и нивните родители сметаат дека насилството е присутно во училиштето, односно 46 проценти од нив се изјаниле дека биле жртви на некаков вид на насилство.
Најчесто учениците сметаат дека тоа е вербалното насилство, значи извикување со различни имиња, навреди и сл. Додека нивните родители сметаат дека поголем замав има социјалното насилство, односно отфрлање на учениците од група. Ова истражување се обиде да утврди кои се најчесто жртви на насилство во нашите училишта, и за жал, учениците од семејства со понизок економско-социјален статус избија на прво место, и за тоа се соглчасуваат и учениците и наставниците и родителите. Во однос на прашањето кој е оној што врши насилство, најчесто тоа се деца од семејсства со повисок социо-економски статус, односно од побогатите семејства или хиперактивните деца. Кај жртвите, имаме и деца кои се со посебни образовни потреби кои се и најчесто отфрлани и социјално занемарени од нивните врсници, вели Ангелеска.
Во делот на онлајн просторот, загрижувачки е вели таа, фактот што децата не го препознаваат насилството или злоупотребата на интернет и затоа проектот во следната година и пол ќе се фокусира на обука на учениците за сите видови опасности во интернет-сферата и како да се заштитат од нив.
Се разбира уште поважно е како стручните служби треба да работат со жртвите на нсилство, но и со оној кој врши насилство во училиштето, додава Ангелеска.
Оваа година, заклучно со минатиот петок, кај Народниот правобранител поднесени се 191 претставки за повреда на правата на децата од различни области. И натаму најголем број на претставки се за повреди на правата на детето во рамки на семејството, односно семејно-правните односи, каде акцентот се става и на насилството врз децата во семејството. Потоа бројни се претставките за повреда на правото во образованието – предучилишното, основното и средното образование и голем број на претставки се поднесени за заштита на децата од насилство или друг тип на злоупотреба, вклучително и булинг.
Ова го истакна Васка Бајрамовска-Мустафа, раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Канцеларијата на Народниот правобранител која говореше на презентацијата на Истражувањето спроведено од Народниот правобранител во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во рамки на проектот „Децата на прво место!“, финансиран од ЕУ.
Добро е тоа што децата го препознаваат насилството, меѓутоа, не се доволно охрабрени да го пријавуваат, имајќи во предвид дека како жртви на насилство се јавуваат и машките и женските деца, вели Бајрамовска-Мустафа.
На новинарско прашање таа појасни дека повеќе поплаки за незадоволство или насилство од страна на наставник, без разлика дали ставува збор за психичко, вербално или физичко насилство, пристигнуваат од деца или од родители во нивно име во основните училишта. Кај средните училишта, децата се, додава, охрабрени сами да пријавуваат.
Ги преземаме сите мерки што се во надлежност на самиот Правобранител, со обраќање до училиштата бараме вклучување на стручните служби во работа со децата, бидејќи за жал и истражувањето кое денеска се промовира, укажува на недоволна доверба или низок степен на доверба од страна на родителите и учениците кон стручните служби, рече Бајрамовска-Мустафа која меѓу другото посочува дека е потребно да се врати воспитната улога во образовните институции покрај на образованието.
Сузана Пецаковска проектна менаџерка на проектот „Децата на прво место“ истакна дека резултатите од истражувањето ппокажале дека учениците, наставниците и родителите се релативно добро запознаени со Конвенцијата за правата на детето и дека релативно добро се применуваат правата на децата во пракса. Од друга страна, според изјавите на децата 33 проценти од испитаниците ученици во истражувањето, се изјасниле дека им било прекршено некое право, а уште една третина опд нив изјавиле дека знаат некого, близок другар, соученик или роднина кому исто така му било прекршено тоа право.
Она што треба сите да не загрижи како интситуции како општество е што не постои ученички активизам во училиштата. Само 13 проценти од учениците (испитаници) изјавија дека во даден момент покренале иницијатива, прашање или дале предлог до училиштето за подобирување на некоја состојба во училиштето. Тоа е основата на демократијата во секое училиште и дека давањето можност децата да учествуваат во донесување одлуки е клучна во градење на една демократска свест за идни активни граѓани на ова општество, вели Пецаковска.
Националното истражување е спроведено со ученици, наставници и родители за информираноста за Конвенцијата за правата на детето, ученичко учество и безбедноста во основните училишта во државава во знак на сеќавање на Конвенцијата донесена од страна на Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1959 година, во чест на одбележувањето на 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата од нашата земја, 25-годишнината од Канцеларијата на Народниот правобранител, како и тридецениската работа и заложба на Фондацијата за образовни и кутурни инцијативи за правото на квалитетно образование за сите деца во државата „Чекор по чекор“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.