33 години. Ни многу ни малку. Македонија ги живее исусовите години како независна држава. Како што се вели во една книга, „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“, овие нешто повеќе од три децении во Македонија беа повеќе од интересни.

Што сѐ не преживеавме и доживеавме, како ниту една држава во регионот и пошироко. Мирен излез од поранешната држава, економска блокада од Грција,промена на знаме, војна на Косово, војна или воен конфликт кај нас, Рамковен договор, Шарена револуција, промена на име и Устав, влез во НАТО, обид за промена на идентитет од страна на Бугарија…

Малку ли е?

Можеби и затоа во 2024 година сме таму кај што сме, и економски и политички. Политички, вечен кандидат за ЕУ, а економски на ниво на Босна и Херцеговина и Косово кои се полу држави полу протекторати.

Од 1991 до денеска речиси исто години беа на власт СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, различен беше само албанскиот коалициски партнер. Но, после 2001 година Македонија веќе не е иста држава и двете најголеми македонски партии често беа принудени да ги погазат сопствените принципи и да прават отстапки за да дојдат или за да останат на власт.

Тоа пак честопати беше злоупотребувано од албанските политички партии под превезот на „Едно општество за сите“ и „мултиетничноста“.

Попустилоста не доведе на ова дереџе, особено последниве шест-седум години. Дерогирана држава, разорени институции, разочаран народ, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром…

Како што е мотото за прославата оваа година „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“, да се обидеме да ја кренеме повторно државата на нозе како што тоа пред многу години го направиле Илинденците и Партизаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.