Државни функционери, избрани и именувани лица, директори, раководители, истовремено и партиски функционери на СДСМ и на ДУИ, 123 на број, иако имале обврска да го пријават имотот што го поседуваат, тоа не го сториле. Според наша проценка станува збор за имот вреден 30 милиони евра. Сите тие од денеска имаат рок од 24 часа да го пријават имотот во Државаната комисија за спречување на корупцијата, во спротивно после овој рок ние ќе почнеме со објавување на имињата и на имотите на овие функционери, изјави на конференцијата за медиумите пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Петрушевски потсетува дека законскиот рок за пријавување на приватниот имот за државните функционери е 30 дена, а во овие 123 случаи станува збор за со месеци и години непочитување на овој рок.

На списокот кој го поседуваме има куќи, станови, викендици, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста. На овој список се државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции. Поголемиот дел од нив директно поставени од владата и функционери во партиите на власт.

Пет години власт на СДС, 123 именувани функционери на државни позиции кријат имот вреден 30 милиони евра. Ги поседуваме сите детали.

Новата афера ‘Тајни имоти’, е уште еден показател како власта функционира надвор од законите, заштитувајќи ги прекршителите на истите, кои во овој случај се избрани и именувани функционери, а чија обврска е да служат на граѓаните на Македонија.

Со СДС на власт, овие функционери, очигледно служат само на нивната партија и на човекот кој ги именува преку седници на влада.

Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државната комисија за спречување на корупција. Овие 123 функционери придонеле, прво кон кршење и непочитување на законите и второ но не помалку важно кон криење на своите имоти. Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити.

Воедно институциите како Државната комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејства, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници.

Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти. Антикорупциската комисија е должна да води точна прецизна и навремена евиденција за поднесување на анкетните листови од страна на функционерите, кои имаат обврска во рок од 30 дена од нивното именување да поднесат анкетни листови. Треба да се постави и прашањето зошто антикорупциската постои ако точно 123 лица функционери го кријат својот имот“, рече Петрушевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.