Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пристигна во Њујорк каде ќе учествува на седниците на Советот за безбедност на ОН на 24 и 25 април, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Сергеј Лавров пристигна во Њујорк. Утре ќе се одржи седница на Советот за безбедност на ОН со која тој ќе претседава, напиша таа на својот канал на Телеграм, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

Захарова објави дека повеќе од 700.000 луѓе го следеле летот на Лавров до САД користејќи го Флајтрадар. Се очекува Лавров денеска да се сретне со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Претходно, постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензја изјави дека Русија има многу теми за разговор.

Лавров ги покани највисоките дипломати од неколку земји, вклучувајќи го и американскиот државен секретар Антони Блинкен, да учествуваат на седниците на Советот за безбедност на ОН со кои претседава Русија.

Но, не е сигурно дали Лавров и Блинкен ќе се сретнат во ОН. Лавров тврди дека Москва е подготвена да размисли за средба со Блинкен и не отфрла сериозни предлози од американската страна за дијалог. Пред пристигнувањето на руската делегација во Њујорк, заменик рускиот министер Сергеј Рјабков изјави дека сѐ уште нема планови за таква средба, пишува ТАСС.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.