13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 ч.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ

(Luckiest Man in the World)

Игран филм, Македонија / Хрватска / Црна Гора

2022, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragic)

Улоги: Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска (Jelena Kordic Kuret, Adnan Omerovic, Labina Mitevska)

 

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ е филм кој, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризирано со снајперски истрели со огромен број невини жртви.

Сценариото за овој филм Татарагиќ го пишувала според интимен вистински настан и говори за Асја, четириесетгодишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Зоран на почетокот од војната е мобилизиран од српската војска и му е тутната пушка в рака. Пукал во една девојка која била во нејзиниот стан и десетици години подоцна сака да дознае дали неговата грижа на совест е токму Асја…

Во останатите улоги настапуваат Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари, Зорица Нушев, Ксенија Маринковиќ,Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ.

И овој пат на филмот на Митевска работеше претежно женска екипа. Покрај косценаристката Татарагиќ, директорка на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, костимите се на Моника Лорбер од Словенија, шминката на Мојца Горогранц Петрушевска, а директор на филм е Елена Станишева.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ беше во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале 2022, учествуваше на фестивалот во Торонто (Канада) и беше македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч.

АЛКАРАЗ

(Alcarràs)

Игран филм, Шпанија / Италија

2022, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Карла Симон (Carla Simón)

Сценарио: Карла Симон, Арно Виларо (Carla Simón, Arnau Vilaró)

Улоги: Жорди Пујол Долчет, Ана Отин, Берта Пипо, Хосеп Абад, Алберт Бош (Jordi Pujol Dolcet, Anna Otín, Berta Pipó, Josep Abad, Albert Bosch)

 

Приказната на АЛКАРАЗ говори за последиците од економската криза кое ќе го почуствува едно семејство во селото  Алкараз, во регионот Каталонија.

Откога паметат за себе, семејството Соле секое лето го минувале во селото Алкараз, на нивниот овоштарник со праски. Но, претчуствуваат дека ова лето ќе им биде последно од старата традиција: ќе го загубат овоштарникот со праски, а овошките ќе бидат искорнати за да се градат соларни панели на тоа земјиште. Членовите на семејството Соле за првпат се соочуваат со неизвесната иднина, ризикувајќи да изгубат многу повеќе од овоштарникот – традиционалните односи во семејството. Младите уживаат во сегашноста која им изгледа вечна, таткото тврдоглаво ја игнорира иднината, а дедото се потпира на некое одамна заборавено ветување на некој авторитет дека ќе го докаже сопствеништвото на куќата во овоштарникот…

Карла Симон со нејзиниот претходен филм ЛЕТО 1993, сторија за семејство кое има ХИВ-позитивно дете, беше шпански кандидат за Оскар.

АЛКАРАЗ  ја освои главната награда на Берлинале 2022, „Златна мечка“ и уште 15 други награди на светските фестивали, а освои педесетина номинации за награди. Учествуваше и на филмските фестивали во Истанбул, Мелбурн, ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА

(Doraibu mai kâ / Drive My Car)

Игран филм, Јапонија

2021, 180 мин., колор, ДЦП

Режија: Ријусуке Хамагучи (Ryusuke Hamaguchi)

Сценарио: Ријусуке Хамагучи, Такамаса Ое (Ryusuke Hamaguchi, Takamasa Oe)

Улоги: Хидетоши Нишиџима, Токо Мијура, Реика Киришима, Парк Ју-рим, Џин Дае-јеон, Сониа Јуан (Hidetoshi Nishijima, Tōko Miura, Reika Kirishima, Park Yu-rim, Jin Dae-yeon, Sonia Yuan)

 

Сторијата на филмот ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА е работена според кратката приказна на Харуки Мураками. Хамагучи снимил трогателен патувачки филм за љубовта, за загубата, за прифаќањето и за мирот.

Две години по неочекуваната смрт на сопругата, познат театарски актер и режисер добива понуда да ја постави претставата „Вујко Вања“ од А.П. Чехов на театарски фестивал во Хирошима. По пристигнувањето, театарската компанија му доделува возач бидејќи му е забрането да вози додека му трае договорот. Возачот е жена и деновите со напнати проби се балансираат со долгите возења во автомобилит со Мисаки, со која бргу се зближува. Мистериозната и нерасположена Мисаки има свои мрачни тајни, и додека го вози низ градот заедно се соочуваат со болните вистини од минатото и наоѓаат нови начини да одат напред.

ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА е трогателна медитација за убавината на човечката поврзаност и за трансформативната моќ на патувањето. Филмот е суптилен наратив со максимален ефект, а драмата на Чехов потсвесно одекнува како поттекст во заднината.

Филомот е добитник е на наградата за најдобро сценарио и на наградата ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.