Минатата недела беше отворена петтата по ред триенална изложба на Графичката работилница „Софија“ од Богданци во Културно информативниот центар во Скопје. Поставени се 150 графички листа, креирани од млади уметници од целиот регион, која е една импозантна бројка кога станува за дела од областа на графиката. Работилницата е со 17-годишна традиција низ која досега продефилираа околу 250 талентирани уметници од ликовните академии во регионот, но и од други европски држави. Изложбата на создадените дела во последните три години ја отвори раководителот на графичката работилница, Виктор Семенпеев.

Имаме соработка со сите ликовни академии од регионот и ако во првите години ние им се обраќавме да делегираат учесници, сега самите студенти аплицираат и изразуваат желба да бидат дел од графичката работилница. Токму тоа е најдобар доказ дека сме успеале да изградиме успешна приказна, која по условите за работа и можностите за креирање дела во различни графички техники, се издвојува како единствена во регионот, рече Семенпеев.

Директорот на КИЦ, Антонио Димитров, потенцираше:

Минатата година се обидовме да вметнеме во програмата колку што е можно повеќе графички работилници и мислам дека успеавме со тоа да ја популаризираме оваа ликовна техника. Веќе 17 години Графичката работилница „Софија“ од Богданци претставува своевидно јадро на графиката каде млади уметници и студенти ги почнуваат своите први чекори во оваа техника“.

Целта на Графичката работилница „Софија“ е популаризирање на графиката како начин на уметничко изразување и размена на искуства меѓу младите графичари од различните графички школи од регионот.

Јас се чувствувам многу пријатно што стигнавме дотука и што за една година ќе бидеме полнолетни. Што е всушност оваа работилница? Тоа е една мала приказна меѓу мене и мојот драг пријател Драган Семенпеев-Цапе. Сакавме да создадеме работилница што нема да личи на ликовна колонија туку ќе биде во функција во текот на целата година, изјави професорот Костадин Танчев – Динка.

Промотор на изложбата беше Илија Ико Каров, кој ја истакна важноста на оваа работилница:

Бројот три во нашата цивилизација има многу големо значење. Покрај тоа што застапува многу возвишени нешта во различни култури на сите страни на светот, особено во нашата микро цивилизација, тој претставува многу големо нешто, го претставува светото тројство и во тој контекст сакам да спомнам дека бројот три секогаш кога ќе го спомнете во ликовен контекст ме потсетува на една иста работа, а тоа е триеналето на Графичката работилница „Софија“ од Богданци“.

Организатор на работилницата е Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, а главен поддржувач на настанот е Печатница Софија Богданци, како и Министерството за култура. На работилницата до сега имаат учествувано уметници од академиите во Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Осијек, Љубљана, Варшава, Солун, Сараево, Софија и Скопје.

Изложбата ќе биде отворена до 13 фебруари 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.