Синоќа во кино “Манаки“ во Битола беше прикажан краткиот филм “Сонети“ кој е инспириран и претставува адаптација на познатите Сонети на Шекспир, како и од животот и делото на авторот.

Филмуваната верзија на оваа адаптација се занимава со несовршеноста и ефемерноста на човековата природа, посебно со љубовта како таква од една страна, како и рамнодушноста на природата кон човековите судбини, од друга страна. Во таа смисла забележителни се прекрасните пејсажи од околината на Битола со дискретни асоцијации за човековата негрижа кон истата, убавина која исчезнува пред нашите очи. Црно- белиот свет само за миг се обојува за повторно да исчезне.

На визуелно поетски начин филмот се обидува линеарно да ја раскаже и да ја открие тајната кому се пишувани овие безвременски стихови. Токму поради тоа се мешаат и времињата одејќи по работ на фиктивното и сонот.

Во филмот истите се интерпретирани од актерите Соња Михајлова и Петар Горко, камерата и монтажата се на Никола Марковски а музиката на Александар Димовски. Адаптацијата и режијата ги потпишува Благој Мицевски.

извор: Битолањуз



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.