Низата протести ја зафатија и НУ Македонска филхармонија, а актуелната министерка за култура, Бисера Костадинова-Стојчевска, овојпат во тандем со директорката Тина Иванова продолжува со серијалот на потполно непознавање и немање визија за ресорот што го води како и крајна негрижа за културните работници, објави на својот фејсбук профил Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, околу 70% од музичарите во НУ Македонска филхармонија своите работни обврски ги извршуваат на лични инструменти, за што, од страна на Министерството за култура, со потпишани поединечни договори, им се исплаќа месечна кирија, која, пак, се користи за редовно одржување на инструментите.
Во моментов, од страна на Министерството не се исплаќа кирија, со устен одговор дека немаат средства, па според тоа нема ни да исплаќаат. Исплатени се само три кирии за тековнава година, и тоа од сопствената сметка на Националната установа. Селективно, во НУ Македонската опера и балет исплатени се кирии заклучно со јули 2022 година.
Второто небулозно однесување е што се доцни со аплицирање за потрошен материјал за инструментите за 2023 година. Вообичаено, аплицирањето се одвива заклучно со мај во тековната година за да има доволно време за тендерската постапка. Поради намалените средства за програмата, таа се реализира од сопствената сметка, како и од донации на амбасадите. Нема писмено известување дека Министерството за култура не располага со финансиски средства и дека не може да исплаќа кирии и потрошен материјал.
Министерке, континуираното немање средства за потребите на националните установи се должи на вашите „купи ден“ политики и ветувања, без финансиска подлога, а со ad hoc пренамена на програмските средства од Годишната програма за остварување национален инерес во културата! Притоа, се издава секое ќоше од објектот на Македонската филхармонија, а тие пари се користат неплански, нерационално, без процена за приоритети, а, инструменталистите треба да почекаат!? Зарем вчера требаше да се случи едночасовен протест за да добие носечкиот кадар во Македонската филхармонија известување од директорката Тина Иванова писмена потврда дека најдоцна до 15 ноември годинава ќе бидат исплатени средствата за кирија за пролетните месеци април и мај, а за преостанатите месеци до октомври дури на 15 номври ќе добијат известување кога ќе се изврши преостанатата исплата. Да се зборува за редовни тековни активности за оваа национална установа е исто како да се теоретизира денот е светол, а ноќта темна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.