Кинотеката на Македонија во среда, на 29 март, во 12 часот во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание на автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел , насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено од страна на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Македонија.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик, во Париз, во 1982 г., нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна. Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата на Буњуел, некои велат биографија некои автобиографија, за мене преставува основна филмска литература затоа што е мамка на која и јас се фатив за човек подлабоко да го засака филмот (Илинка би додала и истражува). Кога првпат ја прочитав пред 40-тина години, оваа книга имаше огромно влијание на мојата страст кон филмот, но и кон уметноста воопшто. Искрено се надевам дека и 50 г. по нејзиното објавување се’ уште привлекува внимание. Нејзиното препрочитување повторно беше проследено се краен хедонизам иако овојпат ја читав како уредник и издавач. Приказните на Буњуел од неговиот живот се се’ уште интересни, а ставовите актуелни. И’ благодарам на Амбасадата на Шпанија за поддршката што ни ја даде за објавувањето на ова значајно дело, вели за „Република“ Владимир Љ. Ангелов, директор на Кинотека на Македонија.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.