Деновиве од печат излезе драмскиот ораториум „Баница 1903-Стратегот на македонскиот универзум“ (во 14 сцени со пролог и епилог), посветен на 120-годишнината од погибието на еден од најголемите синови на Македонија и на Македонската револуционерна борба, Гоце Делчев. Рецензенти се: историчарката, проф.д-р Виолета Ачкоска, лингвистот и експерт за културно наследство, м-р Александар Јорданоски и драматургот, м-р Трајче Кацаров. Тие, секој од својот научно-книжевен и драмски аспект пишува за драмскиот ораториум. Корицата е на македонскиот уметник Сергеј Андреевски. Издавач е една од најзначајните македонски издавачки куќи ПНВ-Публикации од Скопје.

 

Годинешниот добитник на наградата „Ацо Шопов“ која ја доделува ДПМ, Зоран Пејковски, автор е на новитот драмски текст: „Баница 1903 Стратегот на македонскиот универзум“, кој всушност е драмски ораториум, и е прв во македонската драматургија, во кој преку историско – документаристички приказ е прикажан ликот на Гоце Делчев, еден од најголемите синови на Македонија и на македонската револуционерна борба. Пишуван, како што вели и самиот автор, по повод 120-годишнината од смртта на Делчев (1903-2023), и со него сака да го врати македонското достоинство, кое е газено од една рака на профитери, кои на очиглед на целиот македонски народ продаваат сѐ што е македонско, заборавајќи дека душата на Македонецот не е на продажба. Само душата останува чиста и чесна.

Тие, и таквите со секојдневното вршење на социопатолошкото насилство врз Македонците, докажаа дека немаат чувство за припадност, за корен. Всушност, тие асоцијални типови, по секоја цена сакаат да го погребаат Македонецот и неговото достоинство, заборавајќи дека Македонија е впиена во крвта на секој чесен Македонец.

Како што вели и самиот Пејковски, кога ќе прочитате за деветте кодоши, кои кодошејќи директно учествуваа во смртта на Гоце Делчев, веднаш ќе ви стане јасно дека историјата ни се повторува, дека овие изроди кои сега го распродаваат Македонецот и македонското достоинство се истите тие кодоши и предавници кои за пари распродаваат сѐ.

Впрочем и најзначајната сентенца за смртта на Македонија уште во 1903-та година ја кажува Димо Хаџи Димов со смртта на Гоце Делчев. Тој ќе рече: „Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце како да беше наведнат врз гробот на Македонија. Петнаесет часа ни се кинеа срцата, зашто осиромашуваше цел еден народ…“

Па така, поучени од Гоце Делчев, кој ја водеше организацијата кон вечниот идеал на Македонците – Слобода или смрт, но и од неговиот учител Григор Прличев (кој оваа година бележи 130 години од неговата смрт), кој го учеше Делчева, но и сите нас за идеалот на совршенството или смртта, јасно ни дава до знаење дека проклетството фрлено врз Македонија и Македонците е од изродите, („Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот“, Гоце Делчев) без разлика од кој историски период тие потекнуваат. Борбата продолжува. На тоа не обврза Гоце Делчев.

Притоа, рецензентката Ачковска во својата рецензија ќе забележи: …„Во оваа пригода имам чест да бидам рецензент на неговото најново дело, „Баница 1903 – Стратегот на македонскиот универзум“, драмски ораториум во 14 сцени со пролог и епилог. Со суптилниот, возбудлив поетско-драмски јазик, Зоран Пејковски ни презентира една историска епопеја во која централна личност е корифејот на македонската револуционерна ослободителна борба – Стратегот Гоце Делчев. Силните пораки вткаени низ чекорењето на една врвица на бесмртните, топлината на душата и жестокоста на гневот, куршумот смртоносен во жарот на животот и раскрилените длабоки мисли го оплодуваат зборот „за стиховите да си имаат своја татковина“. Бдеењето на ангелите на мудроста и храброста, демнежот на умирачката во здивот на ѕверот наспроти сјајот на сончевината македонска, опоменуваат и светат низ бисерниот ѓердан од казанија и думи, нанижан во ова дело кое Пејковски го остава во меморијата на потомствата и на судот на историјата. И овој пат, како и низ другите негови дела посветени на големи личности и настани од македонската историја, тој се појавува како неуморен трагач по вистината низ различните временски димензии, низ сочуваните сеќавања на сведоците и нивните потомци, низ достапните документи и напишаните дела на историчарите и публицистите“.

Рецензентот Александар Јорданоски за драмскиот ораториум во својата рецензија ќе забележи дека:….„За уметноста важи изреката дека ѝ се верува на првиот впечаток, а во овој драмски ораториум тоа е пребогатиот стилски и зборовен и реченичен израз со кои се опишува посебноста и возвишеноста на ликот на најголемиот македонски син во македонската револуционерна борба, но и загубата на цел еден свет рамен на универзум еден недосонуван сон, а сонот бил жестоко спречен. Восприемајќи го ораториумот „Баница 1903“, остриот јазичен поглед ќе забележи лингвостилистичка богатост рамна на самостоен правец. Додаден квалитет на таа богатост е инспирацијата од безрезервната храброст, самопожртвуваност, но и високата свесност за историскиот предизвик на кој одговара Гоце Делчев. Токму затоа е тој македонски Апостол, но не само револуционерен, ами и со психолошка цврстина и социјална широкост.

Ако кон ова се додаде возраста на Апостолот, заедно со плејадата други војводи, револуционери, културни дејци и други посветени души на Македонија, која во зенитот на нивното дејствување не ја надминува 30-тата година, се доаѓа до безвремената и бесценетата вредност на нивните положени животи“.

Што се однесува до драмската структура на драмскиот ораториум рецензентот Трајче Кацаров меѓу другото ќе забележи:…„Гоце Делчев е доминантен лик и во пиесата на Зоран Пејковски. Овој драматичар инспирацијата, мотивот го наоѓа во најболниот историски настан за македонскиот народ убиството во Баница…. Ова дело на Пејковски иако има цврстата драмска структура, односно строгото почитување на принципите во структуирањето на драмското дејство, сепак, а почитувајќи го квалификативот и на самиот автор, можеме да го карактеризираме како драмски ораториум. Главното дејство во него се протега низ осум целини. Ликовите во нив, заедно со нивните доминантни, потребните карактеристики за драмскиот приказ, директно се позајмени од историјата. Што значи, во сценскиот агон влегуваат однадвор – како типови. Така, драмската акција се јавува како резултат на настан за кој треба да се раскажува на сцената. Сепак во некои од нив, акцијата се огледа преку физички и преку духовни активности на актантите. Може да се каже дека постои и придвижување од сцена во сцена, што го подава потребното темпо во развојот на главното дејство“.

Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет Европа Прима“ од Скопје. Автор е на 20 драмски дела, на четири сценско-драмски рецитали, на 24 збирки песни, еден роман, еден препев, четири научно-истражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Во 2016 година се стекнува со титулата почесен амбасадор на мирот, во 2017 година се стекнува со титулата академик, а во 2018 година се стекнува со титулата европски писател на поезијата и уметноста, што ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.