Средства за продолжување на реконструкцијата на зградата на Кумановскиот тетар ќе се одобрат од владина програма за капитални инвестиции, поради тоа овој проект не се најде во годишната програма на Министерството за култура, велат надлежните.

Според директорот на Центарот за култура Сашо Тодоровски, во објавената програма нема ставки за реализација на капитални објекти, вклучително и за Театар Куманово, но парите за овие проекти преку владата се обезбедуваат на предлог на министерката за култура. Висината на одобрените средства ќе биде позната откако одлуката ќе помина на седница на Влада, која треба да се одржи овие денови.

„Обезбедени се средства за третата фаза од реконструкцијата на Театар Куманово за 2023 година од големата владина програма.  Најавено ни е дека износот ќе биде поголем од побараното. Очекуваме дека во целост ќе може да ја реализираме реконструкцијата на кровот и светлечкиот мост. Засега не можеме ништо да планираме додека не добиеме повратна информација од Владата колку средства ќе обезбедат за овој проект. Ние се надеваме дека планот за 2023 ќе се оствари во целост“, изјави Тодоровски.

Реконструкцијата на зградата на Театар Куманово започна во летото 2021 година и првите две фази се успешно завршени, а со планот  предвидено е реконструкцијата да трае 2 до 3 години. Во меѓувреме сите активности на Кумановскиот театар се одвиваат во зградата на Центарот за култура.

извор: Кумановоњуз



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.