По фантастичниот меѓународен успех со романот „Засолниште во времето“ како и по многуте гостувања и промоции ширум Европа, реномираниот бугарски писател, поет и драматург Георги Господинов доаѓа во Скопје.

Настанот кој е во организација на Младински културен центар во соработка со издавчката куќа „Или – Или” ќе се одржи вечерва, 1 декември во кино Фросина во 21 часот.

Романот, кој излезе од печат кон крајот на минатата година, претставува двестота, јубилејна книга во популарната едиција „ПРОаЗА“ на „ИЛИ-ИЛИ“. Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Како еден од најчитаните автори од преводната литература, романите на Господинов „Физика на тагата“, „Природен роман“ како и збирките раскази „И се’ стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најкоментираните и најомилените меѓу домашната читателска публика.

Непрекинато произведуваме минато. Ние сме фабрики за минато. Живи машини за минато, што друго. Јадеме и произведуваме минато. Дури и смртта не е решение. Човекот си отишол, а минатото му останало.Каде оди после сето тоа лично минато? Го купува ли некој, го собира ли, го исфрла ли? Или ќе се тркала како стар весник, потфрлан од ветрот по улицата. Каде одат сите оние започнати и недовршени приказни што уште крвават, сите оставени љубовници, „оставени“ – зборот не е случаен, касапски збор” – вели Господинов во “Засолниште во времето”.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“(Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), како и неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) , „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).

Дискусијата со авторот ќе ја модерира Дарин Ангеловски, додека официјални промотоерки на романот вечерта се Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска. По промоцијата следи неформална дружба со Господинов во фоајето на МКЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.